Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека Турција ќе се бори против „Исламската држава“ (ИД) и други терористички групи во регионот, додавајќи дека нејзина цел и понатаму ќе биде соборување од власт на сирискиот претседател Башар ал Асад.
– Ефективно ќе се бориме против ИД и сите други терористички организации во регионот. Тоа секогаш ќе биде наш приоритет, истакна Ердоган пред Парламентот.
Тој нагласи дека, исто така, „приоритет на земјата останува соборување на сирискиот режим, да се помогне за зачувување на територијалниот интегритет на Сирија и да се поддржи еден уставно парламентарен владин систем, кој ќе ги претставува сите граѓани“.
Турција има заедничка граница со Ирак и Сирија во должина од 1.200 километри, а во земјата моментно има 1,5 милиони сириски бегалци.
Оваа недела на границата на Турција со Сирија беа распоредени тенкови и оклопни возила поради жестоките борби во близина на турската граница. Турската Влада побара Парламентот да и одобри мандат на армијата за воени дејствија во Ирак и Сирија.
– Ние сме одговорни и подготвени за секаква соработка во борбата против тероризмот. Сите треба да разберат дека Турција не е земја која се занимава со времени решенија, ниту пак ќе дозволи другите да ја користат, потенцира турскиот претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.