Тројца малолетници од Македонија се обвинети дека силувале Италијанка пред три година, кога таа била малолетна, а деновиве за нив е покренато обвинение од обвинителството во малиот град Лаквила во Италија. Настанот, според пријавата на девојката, се случил на автобуска станица во месноста Колемаџио, извести италијанскиот весник Абрузо.
Капетанот Роберто Раџио за тамошните медиуми изјави дека во тек е голема истрага за случајот, а нивниот идентитет нема да биде откриен бидејќи се малолетници. Според него, против тројцата македонски државјани кои долго време живеат во Лаквила, до обвинителството е поднесено обвинение за сексуално насилство. Додека трае истрагата, вели Раџио, децата ќе бидат под строга контрола на родителите и на истражните органи.
Почетокот на судскиот процес е закажан за во првите денови од јануари. Италијанските медиуми шпекулираат дека полицијата има докази за тројцата македонски државјани, бидејќи наводната обљуба се случила пред три години, а таа дури пред некој ден ги препознала насилниците.
Според нејзината изјава пред полициските иследници, таа и тројцата малолетници од Македонија не се знаеле. Кога била пресретната од нашинците, еден од нив ја грабнал за рака, ја однел крај контејнерите на автобуската станица и ја силувал, а неговите двајца пријатели кои се обвинети за сексуално насилство му помогнале на силувачот во делото и не го спречиле. Таа еден час по грозоморниот чин побарала полициска помош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.