| четврток, 6 декември 2018 |

Бесими: Ќе го убедувам Аврамопулос да ни даде зелено светло во јуни

Најголемиот успех е што не го испуштивме возот за ЕУ. Мислам дека тројката што беше овде силно ќе застане зад Македонија за да добие позитивен пролетен извештај од Европската комисија, вели Бесими.

Macedonia's Defense Minister Fatmir Besimi attends a summit in Pec
Исклучително е важно што со решавање на политичката криза Македонија успеа да каже „да“ за европската агенда, при што на преден план се ставија интересите на граѓаните, вели во интервју за „Дневник“ Фатмир Бесими, нов вицепремиер за евроинтеграции. Наследникот на Теута Арифи најавува дека до јуни ќе направи европска турнеја за да ги убеди земјите-членки на ЕУ во јуни да дадат поддршка за Македонија да ги почне преговорите за членство. Најавува дека ќе се сретне и со шефот на грчката дипломатија, Димитрис Аврамопулос, со кого се запозна додека двајцата беа министри за одбрана.

Можеме ли да се согласиме со коментарот на еврокомесарот Филе на „Твитер“ дека земјата се враќа на европскиот пат?

– Да, секако, тоа е наједноставната порака со која може да се отслика сегашната позиција на Република Македонија. Веќе во Брисел беше запален алармот дека државата сериозно ги загрозуваше својот имиџ и патот кон европската интеграција. Времето што е дефинирано за земјата во овој период можеше да се испушти, што ќе беше исклучително лошо за реформските процеси и ќе имаше негативно влијание не само врз евроинтеграциите туку и врз инвестициите.

Европската тројка рече дека кризата е доцна надмината, но се надева – не предоцна. Мислите ли дека, сепак, кризата ќе има влијание врз пролетниот извештај?

– Најголемиот успех е што не го испуштивме возот за ЕУ. И пораката што ја добив при посетата на Брисел е дека Македонија со таквата состојба ја загрозуваше својата европска иднина и се враќаше назад, со што се ставаше под знак прашалник исполнувањето на Kопенхашките критериуми – кои се клучни. Веќе имаше најави од земји-членки да се оспори подготвеноста на земјата за почнување на преговорите со ЕУ, што значи, покрај името, ќе се отвореше и нова тема – политичките критериуми. Мислам дека по ова што се постигна, тројката што беше овде силно ќе застане зад Македонија за да добиеме позитивен извештај. Пораката што ја кажа Ховит е дека ќе ја убедат ЕУ дека политичарите во Македонија ги надминаа своите партиски предизвици и ќе побараат солидарност и од земјите-членки и тие да ги надминат своите национални прашања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top