| четврток, 6 декември 2018 |

Грција прави циркус од меѓународното право

Македонските аналитичари во соопштението на грчкото министерство за надоврешни работи  препознаваат лесен обид на грчката држава за манипулација со меѓународната јавност, пишува „Нова Македонија“

Според Ивица Боцевски, поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, јасно е дека Грција е таа што наметнува, а не таа на која нешто ѝ било наметнато, и дека таа не може да се буни дека нејзините позиции не се испочитувани.
– Спорот за името, всушност, не постои поради нас, туку поради нив и нивните неразумни барања. Тие живеат во една голема заблуда дека Македонците инсистираат на името Македонија само затоа што биле под влијание на пропагандата на премиерот Никола Груевски. Претходно тоа го тврдеа и за Киро Глигоров, видовме дека поранешниот премиер Мицотакис го убедувал претседателот на САД, Џорџ Буш Постариот, дека само 18 отсто од населението во земјава го користеле името Македонија, а другите не. Наместо ова, тие треба да сфатат дека Македонците се нација што постои, Македонија е нивна држава и нема да прават отстапки за идентитетот – порачува Боцевски.

Како што е познато, на повеќето отворени покани за директни средби што македонските државни претставници ги испратиле до грчките (претседателот и премиерот) или нема никаков одговор или, пак, се одбиваат тие иницијативи. Самиот Венизелос годинава беше во Скопје, но како претставник на Европската унија, а не на својата земја, и само накратко зборуваше за името. Но ако ПЈРМ е состојба што не ѝ одговара на Грција, зошто таа држава не покажува поголема активност да ја смени и остава преговорите да се сведат на една-две средби годишно меѓу преговарачите и посредникот?
– Целата работа е измислица. Сакаат да кажат дека наводно и тие правеле компромис и морале да проголтаат нешто, а тие никогаш такво нешто не направиле. Ова е ситуација во која убиецот како да глуми жртва – истакнува Боцевски.

За политичкиот аналитичар Тони Науновски ова соопштение на грчкото МНР е продолжување на трендот на постојана радикализација на нивните позиции во однос на политичката уцена на нашата држава Република Македонија за промена на националниот и државен идентитет на македонскиот народ.
– Привремената референца ни беше наметната во специфично време, кога се зацврстуваше новата форма на државност на Македонците, но тоа е референца, не е име, и нашето уставно име е Република Македонија. Под ова име досега над 135 држави имаат воспоставено билатерални релации со нас. Очекувам овој процес на признавање на нашата држава со своето уставно име да продолжи и да се интензивира. Тоа е начинот на кој, во отсуство на реалност на грчките позиции, Македонија всушност ќе го реши проблемот со неправедната, антиморална и антиправна блокада во ЕУ и НАТО-интеграциите – вели Науновски.

Тој додава дека кога сите држави регистрирани во ООН ќе ја признаат Македонија под уставното име, тогаш фантазмагориите на грчките политичари, во голем дел продуцирани од многубројните внатрешни проблеми во Грција, конечно ќе бидат неутрализирани. Според него, токму неприфатливите позиции на Грција, како и нивното радикализирање, ја демистифицираат грчката страна пред рационалните политички субјекти во светот.
– Со тоа сѐ повеќе држави и меѓународни организации ќе сфатат дека нивните барања се надвор од сите форми на рационален политички ум и ќе бидат отфрлени, со што нашето историско и онтолошко право да бидеме она што сме, македонски народ, ќе се ефектуира и на планот на консензуално меѓународно прифаќање на нашето вечно име и национален идентитет – порачува аналитичарот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top