| четврток, 6 декември 2018 |

Пониски цени и полесно до лекови за хронична терапија

Фондот за здравствено осигурување на Македонија со последните измени во сферата на лековите, од 2 октомври за 400.000 осигуреници овозможи олеснување на начинот на добивање лек на товар на Фондот, еден дел од нив ќе може да ги подигнат лековите со пониски цени, ќе има поголем избор лекови, како и проширување на индикационите подрачја за лековите кои може да се пропишат на товар на ФЗОМ. Се очекува со овие новини заштедите за осигурениците да бидат 200.000 денари годишно, а Фондот за лекови годишно ќе може да пренамени два милиони денари, истакнаа на денешната прес-конференција од Фондот за здравство.

fond-za-zdravstvo-1

Од таму велат дека измените кои веќе се објавени во Службен весник, ја поминале и јавната расправа преку комуникација со здруженијата на пациенти и на доктори и Управниот одбор на Фондот.

Првата измена се однесува за 13 нови генерики кои се без доплата, а кои се исклучително битни за пациенти со трансплантирани органи, антидепресиви, антиепилептици и антипаркинсоници.

– Заради збогатување на пазарот со нови лекови тие автоматски ги вклучивме во позитивната листа и се овозможи намалени цени на лековите на позитивната листа, повторно тие се без доплата што значи двојна заштеда и за буџетот на осигурениците и за буџетот на Фондот во вредност од два милиони денари годишно, потенцираат од Фондот.

Втората измена се однесува на 20 нови заштитени имиња кои ги вклучиле во позитивната листа за веќе постојни генерики или за постојни болести, што значи поголем избор лекови за желудник, намалување масти во крв, антибиотици за Алхајмерова болест, астма, ХОББ, карцином, болки и зголемена телесна температура.

Третата група измени на позитивната листа, нагласи директорката на Фондот, се однесува на режимот на пропишување и 29 генерики отсега па натаму покрај постојните специјалисти ќе може да се пропишуваат и од болнички педијатри, од интернисти, од хематолози и од пулмоалерголози.

– Два многу битни антибиотици: оспен и цефалексин од сега па натаму без никакви ограничувања во делот на медицинските индикации може да се пропишуваат од страна на матичните лекакри што не беше случај досега, а шест генерики ќе може да се пропишуваат за нови дополнителни болести кои досега не биле на товар на Фондот, како на пример за цистична фиброза, и алажил синдром ќе може да се препишува или збогатување на палетата на лекови за избор за генитоуринарни, одонтогени (стоматолошки) инфекции, како и лекови за крварење во рана бременост – велат од Фондот за здравство.

Според нив, оваа голема измена која ја направиле е олеснување како од финансиски аспект, така и од аспект на скратување на процедурата за побрзо подигнување на лекот.

– Овозможивме поголем избор на лекови на осигурениците, повеќе лекови без доплата, креиравме конкуренција на пазарот за цените на лековите да продолжат да се намалуваат, поефикасно ги користиме средствата на Фондот, односно средствата на осигурениците. Најбитно е што е олеснета постапката за добивање на лековите на товар на Фондот и воведовме нови болести кои може да се лекуваат со постојните лекови кои се веќе на позитивната листа – додаваат од Фондот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top