Грчките медиуми со нескриено задоволство ја пренесоа изјавата на Сергеј Лавров дека на потенцијалното проширување на НАТО со поранешните југословенски републики БиХ, Македонија и Црна Гора би можело да се гледа како на провокација.
На прашањето како Москва гледа на можното понатамошно приближување на регионот на Западен Балкан, односно перспективата за прием на Црна Гора, Македонија и посебно на Босна и Херцеговина во полноправно членство во НАТО, Лавров за босанскиот весник „Дневни аваз“ рекол дека тоа во Москва се доживува како „погрешна политика и провокација на Северноатлантската алијанса“.
– Што се однесува на проширувањето на НАТО, според мене, тоа е грешка, дури провокација во одреден смисол. Тоа на некој начин е неодговорна политика која го поткопува определувањето да се гради систем на еднаква и поделена безбедност во Европа. Еднаква за сите без оглед дали некоја земја е членка на овој или оној блок, или не, изјавил Лавров.
Иако изјавата на Лавров е јасна и е во контекст на веќе познатите ставови на Русија за проширувањето на НАТО воопшто, грчките медиуми, во свој стил, ја протолкуваа како поддршка за Грција.
– Првпат Русија стави вето на проширувањето на НАТО на Балканот и особено на Скопје што директно ја засегнува Грција која сама се бори со неговата интеграција во Северноатлантската алијанса, пишуваат неколку информативни портали потсетувајќи на ветото кое Караманлис го стави за влез на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година.
Инаку, Русија нема право на вето во НАТО затоа што не е членка. Односите меѓу НАТО и Русија се регулирани преку Советот НАТО-Русија кој е создаден со цел справување со безбедносни прашања и заеднички проекти. Поради кризата во Украина, НАТО во мај годинава ги замрзна односите со Русија, но членките на Алијансата не планираат да го укинат Советот НАТО-Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Пендаровски: Од јануари очекувам да бидеме на иста маса со НАТО
-
Не се очекува земјите од Алијансата да распоредат ново нуклеарно оружје во Европа
-
Захарова: НАТО му ветил на Горбачов дека нема да се шири кон исток