Поранешен ректор на еден од универзитетите во Македонија бил соработник со тајните служби, утврди на денешната седница Комисијата за верификација на фактите, на која на дневен ред беа пет предмети.
– Лицето е починато, што значи дека неговото име и презиме нема да биде објавено туку ќе се најде само на регистерот на веб-страницата на Комисијата – изјави Предраг Димитровски од Комисијата.
Станува збор за ректор на еден од универзитетите во Македонија, кој во 80-тите години на службите им оддавал информации за еден докторант на универзитетот чијшто ректор бил.
– За останатите четири предмети се усвоени извештаите, но решенијата ќе бидат усвоени на некои од наредните седници за да се утврди состојбата во матичната служба, по што ќе се знае дали лицата се живи или починати од што зависи нивното објавување на страната на Комисијата – истакна Димитровски.
Едно од овие лица било професор на вишата земјоделска школа во Струмица, второто лице било директор на авиокомпанија во Македонија која настојувала да отвори свои претставништва во Торонто, Канада, и уште едно лице кое било директор за култура во Куманово, а подоцна и директор на Центарот на култура.
На денешната седница се усвоени извештаите во кои е наведено дека лицето кое е поврзано со македонската авиокомпанија бил соработник со тајните служби и пренесувал информации за состојбата на организацијата Обединети Македонци и црковната општина во Торонто, но се чека дополнителна документација за конечна одлука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.