| четврток, 6 декември 2018 |

Олимписките убавици ги порази лошата политика

bosna sneg

Додека илјадници туристи уживаат на Копаоник и Златибор, олимписките планини во БиХ се без соодржини и понуди.

Илјадници домашни и странски туристи кои ова лето ги посетија планините во Србија, поточно Копаоник и Златибор, остварија многу ноќевања и илјадници возења на атракции како што се тубинг, зиплин, боб на шини; покажувајќи како ова годишно време може да значи многу повеќе од посета на морски брег.

Од друга страна, неколку босанскохерцеговски планини го носат епитетот олимписки, чист воздух и историските факти ги следат во сите можни приказни, но сериозни понуди за летен туризам на нив нема. Некои патеки се средени за прошетка или возење на велосипед, посета на стари села, тоа е врв на понудата ан овие места.

Туристичката организација на Босна и Херцеговина вели дека е забележан пораст на интересот на туристите за летен туризам на планините, но и признаваат дека недостига содржина.

Јавното претпријатие ЗОИ 84, кое контролира на Бјелашница и Игман, моментално се наоѓа во штрајк бидејќи вработените неколку месеци не добиле плата.

Порано оваа година исто така штрајкуваа, кога го погребаа Вучко, маскотата на Зимските олимписки игри 1984 година во Сараево.

Нема невини за ЗОИ 84

Како што истакна поранешниот директор на оваа компанија Џемал Бисиќ, некои од проблемите за работата во ЗОИ 84, се замешување на политиката во работата на фирмата, како и масовно вработување.

– Бев директор од 2002 до 2007 година и тогаш состојбата беше поинаква, но премногу политика се вмеша и се тргна наопачки. Илјада причини има и виновници за ваквата состојба. Поднесов оставка бидејќи не можев на луѓето да им обезбедам плата. Најблиско објаснување може да се каже дека во оваа цела приказна нема невини, поаѓајќи од политиката, политичарите, ресорните министерства, па се до персоналното ниво – вели Бисиќ кој три децении работел во ЗОИ. Тој додава дека развојот на планините и туризмот е во втор план.

– ЗОИ со своите капацитети по ниту еден основ не може да учествува во финансирањето. Се вработија премногу луѓе, премногу работи се направија на начин кој не е најтранспарентен и тоа ја доведе фирмата во тешка состојба. Не сум сигурен како ќе излезе ова, не сум оптимист да кажам дека фирмата може да се спаси на овој начин.
Таква е состојбата со компанијата која е надлежна за содржините на олимписките убавици, како што се нарекуваат планините околу Сараево – Бјелашница, Јахорина, Игман и Требевиќ.

Се забележува напредок

Од Туристичката организација на Босна и Херцеговина не го делат песимизмот на Бисиќ, тврдејќи дека состојбата, сепак не е лоша и дека се забележува напредок.

– Според информациите на неколку рецептивни агенции и водичи, побарувачката за летен туризам на планините во БиХ пораснала и бележи се повеќе упати на туристи за овој туристички производ. Посебно се истакнува посетата на Лукомир, наведуваат од ова здружение.

Покрај посетата на Лукомир, селото на Бјелашница каде како да застанало времето, во пораст е и планинискиот велосипедизам.

– Видливоста на овој производ, т.е. дестинациите значително се зголемени и прогласени за една од топ дестинации за авантуристички туризам од страна на National Geographic Traveler – велат тие.

Кога се работи за Требевиќ, многу странски туристи се заинтересирани за посета на боб патеката на оваа планина, а туристите се распрашуваат и што е со некогаш популарната жичара, со која за кусо време, со прекрасен панорамски поглед, се стигнува од стариот дел на градот на врвот на планината. Од Здружението потенцираат дека исто така проблем е и неповрзаноста на двете планински убавици – Јахорина и Бјелашница, кои воедно се и најпопуларни дестинации на Сараевчаните во време за викендите.

Ако веќе јавниот сектор не направи и не прави ни сега доволно на промоција на планинскиот туризам, тогаш може најмногу надежи да се полагаат во приватниот сектор.

Во последно време се подобрија и сместувачките капацитети на планините, а приватниците во чија понуда се наоѓаат, работат на рекламирање на својата дејност.
Подобрените услуги, помодерните варијанти со пристојно сместување, резултираа со зголемен број на ноќевања во природа, посебно за викендите.

Србија: Развој од година во година

Пример за успешна работа на планините луѓето од БиХ не треба далеку да го бараат, доволно е да погледнат како тоа се прави во соседна Србија. Копаоник и Златибор имаат високо реноме кога се работи за зимскиот туризам, но и летно време е во пораст.

– Летната сезона на српските планини се развива од година во година. Со изградба на многу спортски и адреналински содржини, Копаоиник и Торник на Златибор сега, покрај многу успешните зимски сезони, работат во полна пареа и во текот на летото. Идејата на Скијалишта Србија е токму тоа, планините да работат во текот на цела година, да привлекуваат туристи и на тој начин да се поттикне стопанството на земјата – рече за Ал Џезира Ана Јовановиќ, виш соработник за односи со јавноста од Скијалишта Србија.

– Активен одмор кој го нудиме во планинските центри претставува заедничка активност на цело семејство. Содржините како планински велосипедизам, пешачки тури, панорамско возење со жичарите се идеален вид на рекреација и одлично поминато време на планински воздух.

Копаоник и Торник на Златибор, освен класични, нудат и поинакви видови на забава како боб на шини, зап-линеа и тубинг патека, мини голф терени и мултифункционални терени за многу спортови.

Јовановиќ наведе дека Скијалишта Србија во изминатиот период многу направиле за да заживее летниот туризам на планините.

– Скијалиште Србија активно работи на развој на туристичката понуда на српските планини, па така за две години се изградени околу 30 километри велосипедистички рути на Копаоник и Торник. Боб на шини, зип лајн и тубинг патеката се содржини кои можат да се користат во тек на цела година и привлекуваат големо внимание кај гостите. Од оваа сезона на Копаоник направена е посебна патека, долга 1,5 км за возење со специјални планински возила, маунтин картови, рече и додаде дека ова е само почеток на развојот на летниот туризам на планините.

Бројките зборуваат

Дека добро се работи на Копаоник и Златибор покажуваат бројките од над 20.000 возења, а треба да се има предвид дека ова е втора година на работа на ски центарот во текот на летото.

– Оваа година интересот за Копаоник е значително поголем, а тоа го покажува и бројот на возењата во текот на еден ден. Над 1.500 возења на содржините на Скијалишта Србија забележани се во текот на само еден ден на Копаоник. Бобот на шини, кој пред две недели е пуштен на Торник, предизвика голем интерес кај туристите. Сезоната во овие два центри сеуште трае и очекуваме да ја надминеме ланската бројка – вели Јовановиќ.
Скијалишта Србија имаат големи планови, бидејќи како што велат – до сега во свеста на српскиот турист, кога ќе се спомне лето, беше само на море, а сега состојбата полека се менува.

– Идејата ни е планините во Србија да бидат поинтересни и попривлечни од другите туристички дестинации, со многу можности и активности. Она што ние го нудиме е активен одмор на висока надморска висина, со пријатни температури и интересни содржини – вели Јовановиќ.

(Ал Џезира Балкан – Сараево)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top