| четврток, 6 декември 2018 |

За колку време застаруваат сообраќајните прекршоци?

Секое непочитување на правилата на сообраќајот претставува прекршок, кој се дефинира како противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии  обележја се определени со закон и за кое е пропишана прекршочна санкција.

За прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители може да им се изречат следниве санкции:

1) глоба;
2) опомена;
3) престанок на важење на возачка дозвола;
4) забрана на управување со моторно возило;

Глобата се пропишува и изрекува како главна санкција, а пак опомената се изрекува наместо глобата кога се работи за полесен прекршок.

Глоба

Глобата за физичко лице се состои во плаќање на определен паричен износ кој не може да биде помал од 15 евра во денарска противвредност ниту поголем од 1000 евра во денарска противвредност. Во одлуката за прекршокот се определува рокот за плаќање на глобата кој не може да биде пократок од осум дена ниту подолг од 30 дена од денот на правосилноста на одлуката. Во оправдани случаи кога сторителот нема доволно имот, не е вработен, боледува од некоја болест и други слични околности кои го оправдуваат тоа, може да се дозволи глобата да се исплати во рати. Ако сторителот делумно или целосно не ја плати глобата во утврдениот рок, ќе се спроведе присилно извршување согласно со одредбите од Законот за извршување.

Престанок на важење на возачка дозвола

Судот може да изрече санкција престанок на важење на возачка дозвола, доколку е сторен прекршок во безбедноста на сообраќајот со кој е предизвикана опасност за настанување на тешка последица и доколку е поднесен доказ дека сторителот постигнал 100 негативни бодови во јавниот сообраќај.  Сторителот на кој му е изречен престанок на важење на возачка дозвола од одредена категорија, не може да се стекне со право на управување со моторно возило од категоријата со која го сторил прекршокот за кој му е одземена возачката дозвола пред истекот на една година од денот на престанокот на важењето на возачката дозвола. Изречената санкција престанок на важење на возачка дозвола, нема да биде извршена, ако поминале повеќе од две години од правосилноста на одлуката за прекршок.

Забрана на управување со моторно возило

За прекршок против безбедноста на јавниот сообраќај, со кој е предизвикана опасност за настанување на тешка последица, односно со дејствието настане штетна последица може да се изрече санкција забрана на управување со моторно возило на определени видови или категории во траење од 30 дена до една година. Додека пак за  тој што нема возачка дозвола, забраната на управување со моторно возило опфаќа забрана за стекнување на возачка дозвола во период од 30 дена до една година.

За тој што нема возачка дозвола, а стори прекршок, забраната на управување со моторно возило опфаќа забрана за стекнување на возачка дозвола во период од 30 дена до една година.

Кога овластениот орган за поведување на прекршочна постапка ќе констатира прекршок составува записник во кој ги забележува битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, времето, местото и начинот на сторувањето на прекршокот, описот на дејствието и лицата затекнати на самото место. Записникот го потпишува овластено службено лице и сторителот. Кога службеното лице  ќе утврди дека е сторен прекршок, на сторителот на  прекршокот ќе му врачи покана за плаќање на глоба, во рок од осум дена од денот на врачувањето на поканата.

Ако сторителот доброволно не ја плати глобата, службеното лице ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд, односно прекршочен орган.  Доколку сторителот го признае делото што му се става на товар или ако овластеното службено лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, службеното лице веднаш ќе издаде платен налог.

Платен налог

Ако сторителот го признае делото што му се става на товар или ако овластеното службено лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, службеното лице веднаш ќе издаде платен налог. Се смета дека сторителот на прекршокот со потписот на приемот на платниот налог се согласува да ја плати глобата. Сторителот е должен да ја плати глобата  во рок од осум дена од приемот на платниот налог на сметката на органот означен во платниот налог. Доколку сторителот кој ќе ја плати глобата во тој рок, ќе плати само половина од изречената глоба и нема да плати трошоци за постапката.

Ако сторителот на прекршокот не ја плати  глобата во дадениот рок, службеното лице ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд.

Застарување

Прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако поминат три години од денот кога е сторен прекршокот. Застарувањето на прекршочното гонење започнува од денот кога е сторен прекршокот. Ова се однесува за поведувањето на прекршочната постапка за изрекување прекршочна санкција. Застареноста за изречената прекршочна санкција не може да се изврши ако од денот на правосилноста на одлуката за прекршокот помине една година.

Застарувањето на извршување на прекршочната санкција започнува да тече од денот кога одлуката за прекршокот станала правосилна.

Застареност на прекршочната санкција настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според закон се бара за застареност на
извршувањето (објективен рок).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top