Буџетот за 2015 година е развоен, економски и социјалнопоттикнувачки. Предлог- буџетот за следната година претставува проекција на државната каса која треба да обезбеди развој на економијата, преку инвестиции во инфраструктурата, кои се главен генератор на растот на домашниот бруто-производ. Вака го оценуваат буџетот за наредната година и експертите, и граѓаните, и политичарите. Според сите нив, оваа владина политика се покажа како успешна досега, па истата треба да продолжи и натаму за да се сочуваат и унапредат високите стапки на раст. Буџетот за 2015 година се базира на раст на вкупниот домашен бруто-производ од четири отсто, а ќе се остварува со зголемен извоз и со градежни активности. Државата наредната година планира да потроши 2 милијарди и 950 милиони евра, а да прибере 2 милијарди и 650 милиони. Разликата, односно дефицитот е 300 милиони или 3,5 отсто од БДП, кој во најголем дел ќе биде покриен со веќе емитуваната еврообврзница, која Македонија навреме ја издаде и со која ќе се отплатат и странските кредити и останатите обврски. Не се предвидува ново домашно задолжување, само ќе има рефинансирање на издадените хартии од вредност. Инфлацијата е проектирано да биде 2 отсто.
– Буџетот има развојна компонента. Раст од четири отсто е реално остварлив. Заедно со Владата и со дополнителни мерки, но и со самото стопанство, оваа бројка е остварлива – смета Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопанските комори.
Експертите едногласни дека планираниот раст ќе се реализира.
– Мене ми беше очекуван ваков крој на буџетот, со оглед на тоа дека со еврообврзницата се олесни финансискиот притисок за тоа како ќе се финансира буџетскиот дефицит и долгот што достигнува за враќање во 2015 година. Проекциите врз основа на кои е направен буџетот се реалистички бидејќи, ако нема некои нови потреси во глобалната и во европската економија, растот од 4 отсто за 2015 година изгледа разумен – смета професорот Марјан Петрески.
И други економисти сметаат дека буџетот за следната година е реален и остварлив.
– Логично е, по стапките на раст регистрирани во двата квартала оваа година, да се очекува дека тоа темпо ќе продолжи и до крајот на оваа и во наредната година. Главен генератор на ваквиот раст е владината политика која се движи во насока на создавање поволен амбиент на работење, услови и можности кои овозможуваат економски напредок и за фирмите и за граѓаните – велат економистите.
Според нив, добро е што се посветува големо внимание на капиталните инвестиции, за кои се планирани 340 милиони евра. Повеќе од 55 милиони евра се предвидени за патната инфраструктура од Коридорот 10, повеќе од 21 милион евра за железничкиот дел по должината на овој приоритетен коридор. За водовод и за прочистителни станици се предвидени 28,6 милиони евра, а за гасификацијата ќе се вложат 4,2 милиони евра. Освен од државната каса, за инфраструктурата ќе се издвојуваат пари и од јавните и од државните претпријатија за изградба на повеќе автопатишта – изградбата на автопатиштата Скопје – Штип и Кичево – Охрид оди преку Агенцијата за државни патишта, а инвестициите во енергетиката преку ЕЛЕМ и МЕПСО.
– Многу сектори се опфатени во делот на капиталните расходи, ќе биде година со многу инвестиции кои треба да влијаат врз растот од четири проценти. Многу пари од буџетот за 2015 година се предвидени и за здравствениот сектор. Пред сѐ за градбата на новиот клинички центар, градба на болници во Штип и во Кичево, купување опрема и плаќање на таа што досега е набавена, ПЕТ-центарот исто така. Околу две милијарди денари се ставаат и за капитални инвестиции во образованието, односно за градби на нови училишта и градинки, обнова и реконструкција на постојните, реконструкција на студентските домови и на универзитетите, како што е реконструкцијата на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид – објасни премиерот Никола Груевски.
Вложувањето во инфраструктурата ќе обезбеди дополнителен импулс на градежништвото, кое веќе извесен период оди по нагорна линија.
– Континуитетот во владиното вложување во инфраструктурни проекти му овозможува на градежниот сектор да остане двигател на македонската економија и во наредната година. Имаме проекти и во делот на гасификацијата и во делот на нови здравствени установи, спортски сали, реконструкција и изградба на локални, регионални и магистрални патишта. Тоа се остварува и влева оптимизам дека и натаму градежниот сектор го очекуваат убави времиња – смета Сеад Кочан, претседател на Комората за градежништво при ССК.
Владата наредната година, освен инвестициите во капиталните проекти, планира исплаќање и повисоки плати за вработените во јавната администрација од 4 отсто, а покачувањето ќе почне од октомври годинава. Предвидено е и ново зголемување на пензиите и на социјалната помош од 5 отсто, кое ќе почне од јуни, односно октомври следната година. Планираното зголемување наоѓа свое покритие во регистрираните високи стапки на раст.
– Европската економија покажа негативни знаци, во осум земји има пад на индустриското производство, како и негативни трендови во германската економија. Ние, пак, забележавме висок раст од 4,3 отсто во вториот квартал годинава. Ги анализиравме и двата тренда и заклучивме дека македонската економија, благодарение на економскиот раст, може да си дозволи покачување на платите, пензиите и на социјалната помош и со тоа да го подобри стандардот на граѓаните. Очекувам Република Македонија и натаму да остане земја со макроекономска и фискална стабилност, да останеме на трендот на зголемување на економската активност кој е поддржан и во делот на инвестициите и во делот на потрошувачката преку политиката за зголемување плати, пензии и социјална помош и инвестиции, како и другите проекти содржани во буџетот. Ќе го задржиме сегашното умерено ниво на задолженост, што нѐ става меѓу најмалку задолжените земји во Европа – објаснува вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Административците и пензионерите се задоволни. Вработените велат дека ќе се подобри семејниот буџет, ќе се амортизира дел од поскапувањата, но ќе биде и добар мотив за поголемо ангажирање на работните места.
– Оваа одлука е позитивна затоа што секое покачување е добредојдено за сите нас. Сето тоа ќе придонесе кон подобрување на животниот стандард. Ова воедно е голем мотив за вработените во администрацијата за поефикасно и за успешно вршење на работните обврски и задачи – коментираат дел од административците.
Повисоки месечни примања ќе имаат и повеќе од 290 илјади пензионери. Од 2006 година досега просечната пензија е зголемена за околу 62 отсто.
Од Сојузот на синдикати на Македонија го поздравуваат покачувањето на платите и на пензиите. Тие сметаат дека зголемувањето на платите, пензиите и на социјалните трансфери го прави буџетот за 2015 година развоен и ќе им овозможи на граѓаните полесно да ги надминат последиците од кризата.
– Со зголемување на платите ќе се обезбеди и зголемување на општата потрошувачка, а со тоа и развој на целата земја. Ваквата стратегија овозможува следење на потребите на вработените за да ја надминат кризата, односно со зголемувањето на платите се обезбедува позитивно соочување со кризата која беше присутна и сѐ уште трае – оценува претседателот на ССМ, Живко Митревски.
За синдикатите, додава Митревски, зголемувањето е важно затоа што тоа го инкорпорирале во колективните договори што значи дека со тоа доаѓа до зголемување и на висината на коефициентите. Со таквата реализација на буџетот, според Митревски, се исполнуваат барањата на Синдикатот за зголемување на платите.
И земјоделците ќе добијат зголемени средства за субвенции, и тоа дури 140 милиони евра.
– Владата секоја година го зголемува фондот на средства за субвенции, што овозможува земјоделството да стане доходовно и од него да се живее убаво. Впрочем, парите што ги издвојува за земјоделците се испорачување на едно од изборните ветувања на владејачката партија, кое се исполнува како и сите останати. Земјоделците се многу задоволни од буџетските пари што ги добиваат – велат од земјоделските здруженија.
Според премиерот Груевски, со тие средства македонското земјоделство ќе се доближи до стандардите на ЕУ.
– Над две милијарди денари се планирани и за инвестиции во земјоделството, односно во градба на хидросистеми и на други проекти предвидени во програмата за рурален развој – нагласи Груевски.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 107. број на неделникот „Република“, 19.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.