Претседателот на Ветеринарната комора на Македонија, доктор Томислав Николовски, за „Република“ е категоричен дека нема опасност од пренесување на вирусот „син јазик“ од јагнињата и козите врз луѓето.
-Категорично не. Нема никаква опасност овој вирус, оваа болест да се пренесе на луѓето ниту преку допи, ниту преку конзумирање на месо и млеко од животните. инаку тоа би било страшно. Исто така нема опасност ниту за другите животни на фармите, на коњи или крави- додава ветеринарот Николовски.
Болеста се рашитри на целата територија во државата. Вирусот го пренесуваат мушички, па дел од мерките со кои владата им излезе пресрет на сточарите е и прскањето, дезинфекцијата на сите простории во земјата каде се чува добитокот. Кон тоа ќе се преземе и премачкување на добитокот со средство кое ќе ги одбива мушичките. Тие, пак не може да преживеат или размножуваат на температура под 4 степени целзиусови. Но тоа ја потпомага акцијата за прскање на надворешниот простор, онаму каде се движи стоката.
– Температурите пак во стаите ретко се пониски од 4 степени, па затоа е многу важно да се подготви теренот за терестријално прскање и чистење на ѓубрето во стаите за да се уништат лежиштата на мушичките- советува претседателот на Ветеринарната комора на Македонија, доктор Томислав Николовски.
Иако болеста зафати голем дел од сточниот фонд во земјата, според Николовски, тоа нема да остави последици врз бројот на јагниња кога ќе дојде време за најголемиот извоз, околу велигденските празници догодина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


