| четврток, 6 декември 2018 |

Грчкото МНР за средбата Попоски-Венизелос во Њујорк

venizelos-popovski-2Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос на средбата во Њујорк со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски ги повторил ставовите на грчката страна за прашањето за името и додал дека Атина учествува активно, одговорно и со добра волја во преговорите што ги води Метју Нимиц, пишува грчкото МНР во соопштение издадено по изјавите на министерот Попоски за македонските медиуми во кои тој вели дека „решавањето на името не е приоритет на грчката страна“.

Венизелос на средбата истакнал дека господинот Нимиц го очекува македонскиот претставник во преговорите да ги потврди датумите за следната средба во Њујорк. Василакис веќе го прифатил првичниот предлог на Нимиц следната средба да се одржи во октомври.

Според грчкото МНР, Венизелос потврдил дека Грција веќе направила важни чекори кон взаемно прифатливо сложено име со географска одредница, но име за секаква употреба, домашна и меѓународна (ерга омнес).„Следствено, се очекува одговорен однос и одговор од другата страна“, стои во документот.

Грчкиот дипломат рекол дека прашањата во врска со изгледите на Македонија за членство во Европската Унија и НАТО, колективно се разгледуваат од земјите-членки на секоја организација врз основа на општите критериуми и процедури кои се применуваат за новите членки.

Како што пренесува МИА од Атина, официјална Грција и во оваа прилика не пропушта да обвини дека „критични прашања, секогаш се прашањата на демократијата, владеењето на правото, меѓуетничките односи, регионалната стабилност, добрососедство, за да се избегне каква било директна или индиректна ’иредентистичка’ политика“.  Заклучоците на Европскиот совет од декември 2013 година за политиката на проширување и од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во јуни 2014 година за политиката на „отворени врати“, ја одразуваат колективна позиција, соопшти грчкото МНР.

„Венизелос, исто така, истакнал дека прашањето за името има централна позиција во домашната политичка дебата во Македонија. Грчкиот став по ова прашање е формиран одамна, има поддршка од широк консензус, а не е под влијание на домашни политички причини со кус рок“, стои во соопштението.

Шефот на грчката дипломатија на средбата со Попоски го покренал прашањето и за „последните провокации на заменик-претседателот на македонскиот Парламент Антонио Милошоски на Олимп, и на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов во Обединетите нации, наведувајќи дека таквите  изјави и неприфатливи акции не помагаат за клима на доверба и добрососедски односи“, се вели во соопштението на грчкото МНР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top