
Јубилејното, 10. издание на културната манифестација „Бела ноќ“ ќе се одржи на 4-ти октомври 2014 година. Покровител на Манифестацијата е Градот Скопје, а технички и програмски организатор е МКЦ.
-Изминативе девет години оваа Манифестација којашто се роди скромно, прерасна во „Бела ноќ“ посетена од стотици различни уметнички љубители. Сметам дека и ова ќе биде едно успешно издание на оваа Манифестација, којашто сигурно го смести Скопје на мапата на европски градови во кои успешно се реализираат вакви уметнички деноноќија – истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Годинава на „Бела ноќ“ ќе бидат опфатени следниве области: Визуелни уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт, стрип, кибернетичка уметност), применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб дизајн, мода, дигитални креации), музика, филм и јавна уметност и урбани точки.
За таа цел беше распишан повик за учество во 10. издание на „Бела ноќ“ којшто заврши на 1 јули годинава, а селекцијата на уметниците беше направена од организаторите. Уметниците беа избрани според приложените дела. Квалитет, иновација и карактер во опсег на предложениот концепт, беа главните критериуми при селекцијата на уметниците и нивните дела. Притоа дозволени се сите уметнички форми и медиуми реализирани со кои било инструменти или техники.
-Како и секоја година, така и оваа Бела ноќ ќе се случува на многу локации низ градот меѓу нив: Плоштад Пела – Порта Македонија, каде што ќе се случи еден од поатрактивните настани- концертот на словенечката група Perpetum Jazzile , па потоа Градски парк – Школка; Плоштад Филип втори; Градска Плажа – Клуб Кастро; Сцена Спомен Куќа на Мајка Тереза; Плато МКЦ; Плато пред Чифте Амам; Улица Македонија; плато Дом на АРМ; Галерија 8; Градска библиотека Браќа Миладиновци, како и сите јавни установи на Град Скопје, но и многу национални културни институции во градов. И годинава во Градското кино Милениум ќе се одржува 24 часовниот филмски маратон на најпознатите и најактуелни хитови од седмата уметност. Годинава сосема намерно решивме оваа ноќ да постојат 10 музички сцени кои ќе опфаќаат рок, џез, хип-хоп, хеви метал музика, а уметниците ќе потекнуваат од сите страни на светот: Јапонија, Велика Британија, Франција, Австрија и скоро од сите земји на Балканот, рече Златко Стевковски, директор на МКЦ-Скопје.
„Бела ноќ“ 2014-та, официјално ќе биде отворена на 4-ти октомври (сабота), во 20 часот, во Националната галерија Даут Пашин Амам, каде што ќе биде организирана изложба насловена како „ЕДЕН ВЕК (РЕТРОСПЕКТИВА)“ од раѓањето на Василие Поповиќ – Цицо, основоположникот на македонската сценографија, карикатурист и сликар.
Музејот на современата уметност; Зоолошката градина-Скопје; Галерија Арте; Музеј на град Скопје; Дом на културата Кочо Рацин (Голем Салон); Културно информативен центар- Изложбен салон Империјал 1; Галерија Грал; Галерија 3М, се само дел од локациите каде што на 4-ти октомври ќе се случува уметност, а сите настани ќе бидат бесплатни и отворени за сите љубители на уметноста.
На денот на одржување на Бела ноќ, организиран е бесплатен транспорт со линиите 8 и 15А на ЈСП од 12:00 до 16:00 часот, како и бесплатен транспорт со автобусите на ЈСП од 19:00 часот, на сите линии кон центарот на Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


