| четврток, 6 декември 2018 |

Червар: И фаворитите паѓаат пред екипи со јуначко срце

Новиот циклус во Лигата на шампионите, четврти во низа за Металург почнува со најтешкиот можен противник, со најбогатата екипа на стариот континент, дрим-тимот на Пари Сен Жермен. Мечот е прогласен од ЕХФ за дерби на првата рунда, сосема заслужено, ако се потсетиме на ланскиот спектакл во Скопје, кога актуелниот македонски првак го „кутна“ на колена моќниот состав од Париз. Овојпат ПСЖ е уште посилен, дојдоа извонредниот голман Омејер, потоа и Акамбре, Барашет, и безмалку тоа е комплениот прв тим на Франција, без Карабатиќ. Металург за првпат директно се пласира во фазата по групи во ЛШ, како шампион на Македонија, а желбата на сите во клубот е да ги повторат игрите и резултатите од минатите три изданија, кога од квалификациите стасуваа до четвртфиналето во елитното европско натпреварување. Натпреварот ќе се игра во Скопје во недела од 19 часот.

„Почнува новиот циклус во ЛШ и прв ривал ни е ПСЖ, екипа со која игравме и лани. Веројатно ја следите ситуацијата и кај нив и кај нас и нема да биде никакво изненадување ако кажам дека тимот од Париз е голем фаворит. Тешко е да се признае такво нешто, но таква е реалноста. Се засилија со клучни играчи како Омејер и Акамбре, па им недостасува само Карабтиќ за да ја имаат првата постава на Франција, селекција која е најдобра на планетата. Тука е и Хансен, еден од најдобрите играчи на светот. Апсолутно тврдам дека се најдобри на стариот континент и како што е познато тие се и екипата со најголем клупски буџет. Зошто не се први во Европа е нивен проблем, но по имиња се најмоќни во европа. Ние треба да се обидеме да ги сопреме, а ако успееме, тогаш на моите ракометари треба да им симнеме капа. За подвиг ни треба тимски дух, да бидеме сплотени, борбени, цврсти и дисциплинирани. Ни треба драстично подобрување во одбраната, да не правиме грешки во нападот и да имаме контрола во играта во текот на целиот меч. Некогаш и екипите со огромно срце наоѓаат начин како да ги победат подобрите од себе. Нам ни треба токму таков рецепт. Имаме своја идеа, своја визија, иако се соочуваме и со доста проблеми“, истакна тренерот на Металург Лино Червар.

Голем адут на Металург и во овој циклус ќе биде Наумче Мојсоски. Искусниот бек на „сините“ се враќа на ракометните терени по долгата пауза поради повреда на коленото. Во отсуство на Ренато Вугринец, кој ја одработува суспензијата од ЕХФ, Мојсовски ќе биде еден од клучните играчи за нов подвиг против силниот ПСЖ.

„Со нетрпение го чекаме овој меч. Лани го победивме ПСЖ, но сега знаат се за нас, нема да има многу простор за изненадување. Наше е да дадеме максимум и да се надеваме дека со најдоброто од нас ќе успееме да се избориме за добар резултат. Треба да ги спречиме во брзата трансформација од одбрана во напад, односно да им ја сопреме контрата и полуконтрата. Сакаме да ги сведеме грешките на минимум, за да им се спротивставиме. Во спротивно ќе биде лошо за нас и ПСЖ лесно ќе направи разлика, бидејќи имаа неверојатно квалитетен состав“, вели популарниот Мојсо.

Лани во Скопје, Металург со импресивна игра го надигра и победи скапиот состав на ПСЖ со 28-26.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top