| четврток, 6 декември 2018 |

Ахмети: На Тетово му треба Теута

 AHMETI
ДУИ официјално ја почна кампањата за локалните избори во Тетово, градот од кој потекнува и нивната кандидатка за градоначалник Теута Арифи. Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, пред присутните рече дека поради состојбата во која се наоѓа Тетово, потребно е токму нивниот кандидат да стане градоначалник.

– Сите знаеме дека Тетово не е како што треба и тука ништо не функционира. Тука владее анархија и општината е во долгови. Но, нема ништо посилно од волјата на една мајка. Сега на Тетово му треба Теута. Ние сите сме горди за нашата заедничка инвестиција. Теута се симна од висока позиција и целата своја енергија сега ќе ја употреби за доброто на Албанците што живеат во овој град – рече Ахмети.

Според него, Тетово е центар на сите Албанци, со два универзитета.

– На Теута не треба око да ѝ трепне зашто зад неа стојат сите институции и таа ќе ја оствари својата мисија, која ќе биде од интерес на Албанците – да ја вратиме гордоста на градот. На 24 март гласајте за Теута, а донесете ги и оние што се колебаат за кого да гласаат затоа што само кандидатот на ДУИ е вистинскиот човек што може да го води Тетово – рече Ахмети.

Арифи во спорстката сала на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, училиштето каде што учела, зборуваше пред тетовци за своите мотиви да се кандидира за градоначалник од местото вицепремир во Владата задолжена за евроинтегративните процеси.

– Се чуствувам многу гордо што Али Ахмети ми рече дека можам да го водам Тетово. Јас знам дека можам да ги решам работите. Јас се родив тука, во оваа населба, од каде што ја почнуваме изборната кампања. Јас учев во ова училиште и со мојата градоначалничка функција сакам да ги направм училиштата место каде што децата ќе почнат да ги градат своите вредности. Кога бев млада, имав една ориентација, а тоа е да бидам во меѓународната дипломатија. Јас го постигнав тоа, но не ги заборавив мојот роден крај, мојот народ и корените – рече Арифи.

Таа порача дека посакува нејзиниот град да биде напреден како и другите европски градови и да го направи Тетово пример за другите градови во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top