| четврток, 6 декември 2018 |

Странски експерт за чоколада го пренесе своето знаење во „Витаминка“

цоколадо

Експерт од Германија обезбеден преку владиниот проект три недели го пренесуваше своето искуство за подобување на квалитетот и проиводството на чоколада во прилепската фабрика „Витаминка“.

– „Витаминка“ има технологија и врвни технолози, но секако многу битно беше што имавме експерт кој работел во многу големи компании, меѓу кои и „Нестле“ и да ни ги пренесе искуствата. Работевме за подобрување на вкусот и конзистенцијата на чоколадата во споредба со најпродаваните марки овде, како репер, наидовме на добра соработка. Од друга страна работевме и на рекомпонирањето на состојките на еден друг начин – рече на денешната прес-конференција технологот и шеф на производството во „Витаминка“ Марјан Танески.

За експертот, Јоаким Чемба од Германија, „Витаминка“ располага со добра технологија и стручен кадар. Според него рецептот е во константното високо ниво на квалитетот и состојките. Некогаш е битно само нивно рекомпонирање, но во секој случај за врвната чоколада е пресудно квалитетното какао.

– На лице место сум да помогнам за квалиетот, производството, за понатамошното унапредување и усовршување. Ако се сака да се има врвен квалитет, треба да се земе врвно какао – вели Јоаким Чемба, германски експерт за чоколада.

„Витаминка“ е подготвена  преку владината програма да ангажира експерти и во другите кондиторските области. Особено што преку 42 отсто од производството пласира во светот. Се подготвува за новата инвестиција за производство на врвна чоколада, вредна два и пол милиони евра.

– Се се одвива навремено. Опремата е од врвниот производител „Милер“ за високотехнолошко производство на квалитетна чоколада. Кон крајот на март наредната година треба да биде тој рок испочитуван за да се донесе опремата и да почне првото производство – вели Танески.

Владата ја почна втората фаза од ангажирањето експерти во македонските компании. Овие два месеца, нови 20-ина ќе им помагаат на фирмите да се развиваат, да го зголемат профитот и за економски раст во земјава. Освен експерти од Германија, Холандија, ЕБРД, Швајцарија, сега се ангажираат и од Италија и Австрија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top