| четврток, 6 декември 2018 |

Прилепски сметководител спаси мајка и дете од откачено камионско тркало

Храбар прилепчанец спасил мајка и едногодишно дете откако се фрлил врз тешко камионско тркало, кое се откачило од камионот и со полна брзина итало кон нив, пренесува „Плусинфо“. Од ударот на огромното тркало, тешко повеќе од 200 килограми, 45-годишниот Борис Солевски бил полесно повреден. 

Настанот се случил во саботата вечерта на улицата „11 Октомври“, во прилепската населба Табана. На камион товарен со огревно дрво во возење му се откачило предното лево тркало и со полна брзина продолжило да се тркала по коловозот и се качило на тротоарот. Според очевидците, Солевски, кој во тој момент излегувал од продавница за играчки, го видел тркалото како оди кон него, брзо го избегнал, но кога видел дека тоа се движи кон бебешка количка, скокнал врз него. Но тркалото, кое било тешко и поскокнувало, го удрило силно во брадата и во градите, го отфрлило високо, по што тој паднал на асфалтот. Сепак, тркалото го сменило правецот и жената и детето не биле повредени. 

– Да не беше неговата реакција, детето и жената сигурно ќе настрадаа. Алал да му е – вели Зоран Стојчевски од Куманово, кој случајно ја следел целата сцена и е воодушевен од херојскиот чин на прилепчанецот.

Солевски бил итно префрлен на Хирургија, каде му се извршени снимки, констатирани се набиеници и модрици по телото, но не и скршеници. 

– Реагирав инстинктивно, како што веројатно секој би реагирал во таква ситуација. Ударот беше страшен, но среќа е што немам повреди – вели Солевски, кој инаку работи како приватен сметководител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top