| четврток, 6 декември 2018 |

Коста Петров: Јас сум креатор на мојот животен филм

Коста Петров познат по бестселерот „Се гледаме на врвот“ за читателската публика подготви нова книга, насловена како „Нашето последно кафе“, коja ќе има своја промоција на 24 септември, среда, во 19 часот пред книжарницата ТРИ во Градски трговски центар.  Република.мк го прашува за поттикот за да го напише новото дело, дали самиот тој е без стравови, кој е неговиот најголем предизвик, како гледа на негативните појави во општеството и колку е задоволен од неговата прва книга по која е познат, „Се гледаме на врвот“.

Kosta Petrov - Naseto posledno kafe_naslovna

Како ти помина изминатата година и кој е поттикот додека ја пишуваше „Нашето последно кафе“?

Изминатата година навистина беше доста интересна година за мене. Од една страна доживеав многу успеси но во исто време и неколку предизвици кои ме натераа да се запрашам дали навистина сум на вистинскиот пат. Проблемот беше тоа што јас сиот мој живот го замислував како една голема борба и тоа никогаш не ми дозволуваше да имам внатрешен мир. Секогаш нешто требаше да се направи. Некаде да се оди. Од една страна, чувствував дека никогаш немав доволно време за самиот себе а во исто време кога бев сам, секогаш се плашев од моите мисли.  И се така до едно мое патување во Техеран кое всушност ми потврди дека без мир во душата ништо во животот нема смисла. На еден начин оваа книга е всушност мојата потрага по мирот во душата. Сите мои фанови сакам да ги поканам да бидат дел од промоцијата на книгата закажана за 24 септември, среда во 19 часот пред книжарницата ТРИ.

Дали Коста е без стравови, всушност кој бил твојот најголем страв?

Не верувам дека постои човек кој нема стравови. Сите ние имаме стравови. Некои од нив не следат од самото раѓање, некои доаѓаат со извесни негативни искуства. Стравот е всушност до нас во секој миг од нашиот живот. Пред некое време имав огромен проблем со анксиозноста и стравот од смрт и тоа навистина ми одземаше многу енергија. Ми беа потребни повеќе од две години да го трансформирам овој страв и конечно да почнам да го живеам животот така како што треба да го живеам. Денес се фокусирам повеќе на некои позитивни стравови кои ме тераат да бидам подобар човек. Знам дека не сум совршен но во секој момент од мојот живот се трудам да бидам најдобар што можам. Стравот се уште е покрај мене но со тек на време се научив да не му обрнувам толку внимание.

Кој е твојот најголем предизвик?

Предизвици секогаш ќе има и тоа го прифаќам. Во исто време знам дека и секој предизвик со себе носи лекција која мене ќе ме направи подобар човек. Се трудам да ја пронајдам лекцијата во секој предизвик и да останам на својот пат. Некогаш тоа е навистина тешко но јас не знам поинаку. Најлесно е да бидам жртва и да ги обвинувам другите за тоа што ми се случува во животот. Не сакам тоа да го правам. Знам дека јас сум одговорен за се што ми се случува во животот и јас сум единствениот кривец и за убавите работи но и за лекциите.

Како гледаш на негативните појави во општеството?

Види, никој не бара од мене да го променам светот ниту пак можам. Негативни појави секогаш ќе има и единствен начин да го промениме тоа е ако се промениме себеси. Јас можам само да се променам самиот себе, светот не можам да го изменам. Се обидувам да не се фокусирам многу на негативните работи во мојот живот или ако се фокусирам да ја пронајдам лекцијата во тоа. Еднаш се живее и не планирам да го живеам животот опкружен со негативности. Јас сум креатор на мојот животен филм.

Се гледаме на врвот е твоето првенче како дело, како си задоволен од продажбата?

Презадоволен сум. Искрено, уште кога ја пишував знаев дека книгата ќе биде одлично прифатена. Продадени над 5,000 книги и пет рекордни изданија за неполна година е навистина огромна работа, особено за некој како мене што не се гледа како писател. Се разбира успехот на книгата донесе и некои непријатни моменти но се обидувам да не се фокусирам на нив. Нема поубаво чувство кога некој читател ќе ми напише како им се променил животот поради мојата книга. Бескрајно сум благодарен за успехот на книгата.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top