| четврток, 6 декември 2018 |

Полска го победи неприкосновениот Бразил во финалето на Светското првенство во одбојка

Полска е нов светски шампион во одбојка. Полскиот народ оваа титула ја чекаше точно 40 години.
Полските одбојкари во финалето го победија неприкосновениот тим на Бразил со 3-1 (18-25, 25-22, 25-23, 25-22) во сетови.
Финалето се одигра во Катовице пред повеќе од 12 илјади гледачи. Со оваа победа Полјаците им се реваншираа на „кариоките“ за поразот во финалето пред осум години. Доминацијата на Бразилците е прекината по три освоени светски титули по ред.
Избраниците на селекторот на Полска, Французинот Стефан Антига, по вторпат го победуваат Бразил на ова Светско првенство. Претходно тоа го сторија во третата фаза по групи, но тогаш резултатот беше 3-2.
Почетокот на натпреварот не го наговестуваше крајниот епилог од финалето. Бразилците лесно направија разлика во првиот сет, која лесно ја задржаа до крајот.
Полските одбојкари се соземаа од шокот и го освоија вториот сет благодарејќи на најдобриот свој играч Мика иако Бразлиците направија притисок и го израмнија резултат во финишот на сетот.
Третиот сет ниту една екипа не успеа да направи позначајна предност, а победникот беше решен во финишот со два поена едноподруго на новите светски шампиони.
Бразил во четвртиот мораше да тргне на сѐ или ништо и со гранитна одбрана во блокот успеа да дојде до три поени разлика 20-17. Сепак, по тајмаутот што го зеде полскиот селектор, беше направена серија од 7-1 за целосен пресврт и меч-топка. Последниот поен значеше големо славје на трибините за радост на целата полска публика.

The FIVB Volleyball Men's World Championship Poland 2014

Во борбата за третото место Германија со максимални 3-0 ја победи репрезентацијата на Франција.

На ова Светско првенство беа постигнати неколку рекорди. По новиот формат според кој ќе се игра Светското првенств беа одиграни дури 103 натпревари. Мечот на отворањето на Светското првенство меѓу Полска и Србија го следеа дури 65 илјади гледачи, а целото првенство преку 500 илјади посетители.
Следното Светско првенство ќе се игра по четири години, а организатор е Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top