Од почнувањето на кампањата „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“ на 12 овој месец до завчера евидентирани се 1.030 сообраќајни прекршоци на подрачјето на СВР Скопје.
Како што соопшти денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, 47 возачи не го користеле сигурносниот појас за време на управувањето, 54 користеле мобилен телефон, а 202 возилата ги управувале со брзина поголема од пропишаната.
– Вкупно 66 лица управувале со возило под дејство на алкохол, 41 биле без возачка дозвола, 114 управувале со возило по истек на важност на дозволата или нерегистрирани, 15 возачи на мотоцикл, велосипед со мотор и мопед за време на управувањето на ја носеле заштитната кацига, додека 29 пешаци кои поминале надор од обележан пешачкиот премени или на недозволен начин го поминале коловозот, истакна Јанкулоска по повод одбележувањето на Европската недела на мобилност во сообраќајот што го организираше Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Нагласувајќи уште еднаш дека превентивното делување во насока на постојано зголемување на јавната свет и поголемата безбедност во сообраќајот остануваат меѓу клучните приоритети на полицијата, министерката посочи дека од почетокот на годинава до септември на подрачјето на Скопје бројот на сообраќајните несреќи е намален за 11,5 отсто во споредба со истиот период лани.
Денешната манифестација по повод одбележувањето на Европската недела на мобилност во сообраќајот и како дел од генералната кампања на Владата на „Почитувај ги правилата почитувај го животот“, имаше за цел да ги афирмира алтенативните и еколошки начини на сообраќај (користење велосипеди, градски превоз) во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.