На вториот конкурс за музиколошки труд распишан од Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), според жири комисијата во состав: Проф. д-р Драган Даутовски, м-р Мирјана Шулајковска и доц. м-р Дарија Андовска најуспешен е есејот со наслов „Мојата прва симфонија – Тихомир Карапанчевски: Патот од ѕвездите до заборавот“. Автор на овој текст е музикологот Марко Коловски.
Со своите нови, досега непознати или сосема малку познати факти за животот и делото на композиторот Тихомир Карапанчевски (1923-1950) Марко Коловски дава значаен придонес во комплетирањето на мозаикот на современата македонска музичка култура. Освен ова, во него на еден исклучително инвентивен и живописен начин е опишан кусиот, неверојатно плоден и многустран творечки живот на авторот Карапанчевски. По прочитувањето на овој есеј, освен сознанијата за овоземниот, кус, динамичен, ентузијазиран, исполнет со фантазии и сништа живот на Тихомир Карапанчевски, се наметнуваат уште низа прашања во врска со причините за несоодветното место на овој автор во македонската музичка историја. Голем дел од сништата и визиите на Карапанчевски не се остварија заради подмолната болест (туберкулоза „заработена“ најверојатно во заробеничкот логор во Германија), но есејот на Коловски дава поттик детално да се истражи неговото дело, неговата оставнина и го навестува неговото идно, важно место во темелите на современата македонска музичка култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.