
Во сабота во рамките на “Филмоманија” – ревијата на филмови што доаѓаат директно од светските филмски фестивали, која се одржува од 18 до 24 септември во кината “Синеплекс”, ќе можат да се видат уште три исклучителни остварувања. Од 16 часот е норвешката црна комедија “По ред на исчезнување” на Ханс Петер Моланд, која на годинешниот Берлински филмски фестивал беше вистинско изненадување. Во 18,30 часот следи еден од најинтересните независни канадски автори, Ксавиер Долан, за кој се чини секоја година во Кан е резервирано место во авангардната програма “Кензен”. “Том на фармата” е уште една негова интимна сторија, односно, уште еден необичен психолошки трилер, кој ја доби наградата “Фипресци” во Венеција. Додека, во 21 часот е на ред новиот филм на Жилиет Бинош, “Облаците над Силс Марија” на Оливие Асаја, кој годинава беше во главна конкуренција во Кан.
Во недела програмата на “Филмоманија” ќе започне со “Облаците над Силс Марија” од 16 часот, во 18,30 часот ќе се прикаже повторно “Ритамот на лудилото” на Демијен Шазел, кој беше прикажан првиот ден, инаку филм со две награди од култниот “Санденс”. Во 21 часот следува уште еднаш канадскиот “Том на фармата”.
До 24 септември “Филмоманија” ќе понуди вкупно 14 филмови, секој ден по три проекции, за кои билетите се 150 денари
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


