
Дваесет нови експерти што ги обезбедува Владата во наредните 60 дена ќе престојуваат во домашни компании од прехранбената индустрија, производството, ИКТ и техничко-технолошкиот сектор.
Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев денеска информираше дека овие стручњаци се ангажирани во вториот циклус од проектот, кој почна на почетокот на годинава и се очекува да заврши во средината на наредната година. Ќе бидат опфатени вкупно 105 компании, кои се пријавија на објавениот оглас за експертска помош.
Ѓорѓиев истакна дека за Владата е важно што во овој циклус ќе бидат опфатени компании од целата територија на Република Македонија со различна големина и од различни сектори.
Во овој циклус, покрај експертите од Холандија и Германија, се обезбедени експерти и од Швајцарија, Австрија, Италија и Европската банка за обнова и развој.
Во рамки на проектот во првиот циклус беа опфатени 20 компании во кои беа испратени 20 експерти од Холандија и Германија, а, како што информира портпаролот Ѓорѓиев, најмногу помагале во процесот на производство, маркетингот и менаџментот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


