Полицијата ја продолжува истрагата за кражбата на 200.000 евра, кои место во банкомати, тројца вработени ги ставале в џеб.
Кражбата на 200.000 евра се случувала во неколку банкомати на Охридска банка, кои се поставени во главниот град. Тројца вработени со месеци систематски ги извлекувале парите што требале да ги ставаат во банкоматите. Место тоа, средствата завршувале на нивни приватни сметки. Од Охридска банка тврдат дека нема никакви последици врз трансакциските сметки и платежните картички што е потврдено со извршените внатрешни проверки. Штетата која ќе треба да се надомести, дополнително ќе се утврдува. Во тоа веќе биле вклучени на осигурителните компании.
„Извесен број банкомати на Охридска банка, лоцирани во Скопје, беа цел на неовластено подигнување на готовина. Случајот резултираше без никакви штети и без инциденти за клиентите на банката. Банката итно ги презеде сите неопходни мерки за стопирање на овие активности“, велат од Охридска банка.
Според нив, мрежата на банкомати сега е целосно функционална под нормални услови, а се преземени и дополнителни безбедносни мерки за да се заштитат граѓаните.
Според полицијата, злоупотребите траеле со месеци. Главниот трезорист во банката и двајца негови колеги се осомничени за можеби најголемата банкарска проневера во земјава. За само три месеци успеале да украдат 200.000 евра. Парите се слевале во сеф и во две штедни книшки кои трезористот ги имал во други две банки за да не биде откриен. Сепак, во банката забележале дека недостигаат пари, иако тројцата вработени вешто ги прикривале трагите. Направена била ревизија во банката, по што се утврдило дека недостигаат 200.000 евра, по што била известена полицијата.
Иако поминале неколку месеци откако почнале кражбите, од Охридска банка велат дека случајот навремено бил пријавен до надлежните институции за понатамошна истрага и разрешување. Од МВР информираат дека проверките за случајот сѐ уште траат и наредниве денови се очекуваат нови детали за кражбата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.