| четврток, 6 декември 2018 |

Српскиот „Лудум, лудум“ и „Интимен театар“ на Софија Ристовска вечерва на програмата на ИТФ „Лица без маски“

unnamed

Официјалната натпреварувачка програма на ИТФ „Лица без маски“ вечерва продолжува на „Големата сцена“ на Универзална сала со почеток од 20 часот, со претставата „Штом ќе се исполнат желбите, не можеш повеќе да живееш во нив“, во изведба на независниот театар „Лудум, лудум“ од Белград, а во режија на Петар Ристовски.

Идејата за претставата е на Петар Ристовски, заедно со истакнатата млада српска актерка Теодора Живановиќ. Како што велат, претставата е спој на драма, кореодрама, музика и танц. Слична е на физичкиот, музичкиот и класичниот театар, како и на современиот танц. Претставува комбинација од разни жанрови. Тоа е емотивна приказна за секој од нас. Го доловува животот од неговиот почеток до самиот крај. Истовремено, тоа е постојана игра помеѓу соништата и реалноста, помеѓу она што го сонуваме и што одговара реалноста на тоа.

Публиката ќе ја почувствува дилемата дали да се живее во соништа во текот на животот или да сториме сѐ да ги исполниме, притоа изложувајќи се на ризик повеќе никогаш да не сакаме ниту да се насмееме.

Пред утрешното доделување на наградите, вечерва во рамките на официјалниот компетитивен дел е и претставата „Трансферату“ во режија на Софија Ристевска, а во изведба на актери од „Интимен театар“ од Битола.

Како што ќе истакне режисерката на претставата, „Трансферату“ е претстава за човечките индивидуалности коишто многу често се неразбрани, осудувани и казнувани. Дваесет и петгодишна девојка сака да направи пластична операција и да го трансформира своето човечко лице, во лице на коза. Нејзината одлука е тема на дискусија во сите социјални кругови во коишто таа се движи и живее. Негодувањето и негирањето на тоа нејзино решение ја исфрла личноста на маргините на општествениот живот, во самотијата на духовната изолираност. На крајот операцијата сепак се случува и ја потврдува вечната борба на човекот за одржување, пласирање и потврдување на сопствената индивидуалост и за општествено признавање на истата. „Трансферату“ е претстава за „различните“!

Претставата „Трансферату“ ќе биде изведена на „Малата сцена“ при Универзална сала, со почеток од 22 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top