| четврток, 6 декември 2018 |

Доделување на Националната награда за општествена одговорност

opstestvena odgovornost

Во организација на Националното координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија денеска во Скопје ќе биде доделена Националната награда за најдобри општествено одговорни практики за 2013 година.

Цел на доделувањето на наградата е да промовира позитивна практика на општествено одговорно дејствување и притоа да инспирира на воведување и натамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија.

Од 24 март до 21 мај годинава траеше конкурсот за доделување награди за најдобра општествено одговорна практика на македонските претпријатија, реализирани во текот на 2013 година.

Годинава конкурираа 38 претпријатија со 56 проекти во следниве категории: односи со вработените, етичко управување, односи на пазарот, заштита на животната средина и вложување во заедницата. Во секоја категорија се доделува награда за големо претпријатие и награда за мало или средно претпријатие.

Наградените се избрани од страна на стручно жири составено од претставници на јавниот и на граѓанскиот сектор.

Националната награда за најдобра општествено одговорна практика на претпријатијата се доделува седма година по ред, почнувајќи од 2008 година. Во изминатите години, македонските претпријатија пријавија 408 примери за добра општествено одговорна практика, со кои ја покажаа својата грижа за општеството и животната средина.

Оваа година Националната награда е помогната од проектот „Општествена одговорност за сите“ што настојува да ја промовира општествената одговорност и да ја подигне свеста за нејзиното значење и важност.

Проектот има цел да ги развие капацитетите на организациите на работодавци во врска со концептот на општествената одговорност во регионот на Југоисточна Европа. Проектен партнер од Македонија на овој проект, кофинансиран од Европската унија, е Бизнис-конфедерација на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top