На бизнис форумот во Коџаели, Турција на кој македонската делегација предводена од премиерот Никола Груевски ги презентираа поволностите на нашата земја која ги нуди за странските инвеститори, присуствуваше извршниот директор на Турската компанија ОХИ Груп, Јуксел Ишбилир кој потврди дека ќе отвори фабрика за гуми во Битола.
ОХИ Груп минатата недела потврди дека ќе отвори фабрика за гуми во Битола која ќе вработи 400 работници. Ишбилир истакна дека во Република Македонија постојат најдобри услови и околности да се започне со инвестиција.
-Затоа ние одлучивме да инвестираме и основавме компанија во Битола и планираме да започнеме со производство на лепенки за гума и други производи од гума најкасно во октомври, изјави Ишбилир.
Тој испрати и порака до останатите странски инвеститори.
-Мојата порака до останатите странски инвеститори е многу едноставна и јасна, најпрво треба веднаш да ја посетат Македонија и да го стекнат првиот впечаток и ако тие веруваат дека има можности за бизнис и поволни услови за извоз треба да дејствуваат многу брзо”, изјави Ишбилир.
Извршниот директор на ОХИ Груп посочи дека покрај првичните имаат и пошироки понатамошни планови за инвестирање во Македонија и проширување на бизнисот, но прво се фокусирани на првичната инвестиција која треба да се реализира.
Бизнис форумот беше организиран во соработка со Индустриската зона во Коџаели, и на него присуствуваа менаџери од повеќе компании, претежно од областа на автомобилската индустрија, хемиската индустрија, како и претставници од металската и текстилна индустрија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


