| четврток, 6 декември 2018 |

Чешки лекар осомничен за мачење деца со садистички медицински третмани

Чешката јавност е потресена откако весникот „Право” објави дека примариус на Педијатриското одделение во болница во чешкиот град Клатови, во југозападниот дел на земјата, мачел детски пациенти изложувајќи ги на несоодветни садистички третмани, јави дописникот на МИА од Прага.

lekari

Полицијата води истрага за десетина медицински процедури кај деца на возраст од една до две години. На дел од нив им бил сериозно загрозен животот, информира весникот.

Според досегашната истрага, 42-годишниот Јиржи Хавранек ги измачувал малите пациенти со повторени пункции по целото тело додека биле свесни или под висока доза на анестетици. Весникот цитира и неколку потресни приказни на родители, кои сведочат дека по третманите на лекарот, кои ги правел без нивно присуство нивните деца едвај биле спасени со интервенции на други лекари.

Според полицијата, лекарот боледува од биполарно растројство, претходно познато под името манично-депресивна психоза.

Експертите објаснуваат дека во периодот на извршувањата на делата тој не бил пресметлив и не бил свесен за своите постапки. Директорот на болницата Франтишек Лешунтак, каде Хавранек бил примариус од мај 2012 до мај 2013 година, не знаел за неговата здравствена состојба, но признава дека откако забележал неспокојство кај неговите колеги го раскинал со него договорот за работен однос.

Драматично е што лекарот, се уште работи во својата стручна област во друга болница.

– Чувствувам дека станува збор за сериозна работа и ќе разговарам со примариусот Хавранек – вели раководителот на болницата каде сега работи осомничениот лекар, кој во моментот бил на боледување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top