| четврток, 6 декември 2018 |

Не плашете се од камата на Ќосето, туку од божјата правда

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

Непознавањето на сопствената историја не е само срамно дело, туку и опасно за опстанокот на еден народ, особено кога зборуваме за интелектуалци кои секојдневно се занимаваат со креирање на јавното мислење кај граѓаните. Уште пострашно и побезобразно е кога некој сам си плука на историјата и на своите предци кои (за разлика од многу денешни Македонци силни само на вилица) без двоумење го жртвувале својот живот за татковината.

Групата опозициски труби гневни што го загубија влијанието кај граѓаните, односно поради тоа што никој не ги есапи при презентирањето на нивните ставови, критики, анализи и предвидувања, веќе подолго време не штедат зборови за да го навредат секој Македонец што не им ги „купува“ глупостите што ги пишуваат. Во нивната политичка битка, во која се поставени како перјаница на една разуздана банда, не покажуваат никаква почит ниту кон својот народ, а што е уште потрагично, ниту кон своите предци кои гинеле за тоа што тие го уживаат денес. Да наречеш „масовен убиец“ личност од македонската историја, која се борела за слободна Македонија во време кога македонскиот народ бил угнетуван и тероризиран од сите страни, е повеќе од само личен пораз за авторот на тие редови. Тоа е срам и за неговите уредници, ментори, политички гуруа кои не избираат оружја во пресметката со актуелната власт. Обидувајќи се да го дискредитираат судот кој пред извесно време го казни нивниот лидер, овие партиски мегафони на најбезобразен начин го обезличија ликот и делото на Андон Ќосето претставувајќи го како „терорист кој штотуку завршил со колење“. Според нивната аналогија, „масовни убијци“ се и Гоце Делчев, Питу Гули, Никола Карев, солунските атентатори, кои, исто така, убивале за слободна Македонија, но и Михајло Апостолски, Вера Ацева, Трајко Стојковски-Бузо и други македонски херои кои за време на Втората светска војна убивале Германци.

Ако овие „интелектуалци“ не знаат, некој нека им укаже дека пиштолот и камата се симболите на македонската борба за слобода. Не случајно сите комити давале заклетва со пиштол и со кама врз Библијата. Пораката е дека ако еден ден камата или пиштолот не ги казни предавниците, божјата правда можеби ќе задоцни, но ќе ги казни сите што се заколнале, а ја предале Македонија.

Исплашените од споменикот на Ќосето нека бидат мирни и спокојни од неговата кама. Еден век по првиот Илинден, Македонија и Македонците живеат во поинакво општество, пред сè благодарение на овие херои. Но, во исто време овие плашливци треба да имаат на ум дека и тогаш и сега имало, има и ќе има одродени, предавници кои работат за уништување на македонската национална свест. Тогаш им судел Ќосето со камата и неговите соборци, а денес и во иднина ќе им суди божјата правда.

Неверојатно е во денешни услови, кога имаме сопствена држава и кога можеме да исправиме некои историски неправди кои биле направени во минатото, така лесно и неодговорно да се откажуваме од своите јунаци и од својата историја. Обидувајќи се да сфатам дали случајно или намерно го осквернавија делото на Ќосето, се прашувам дали овие луѓе се свесни како изгледала македонската револуционерна борба во тој период? Дали се свесни дека во тоа време не постоел друг начин за отпор освен со пиштол и со кама? Разбираат ли дека со уривањето на својата историја им прават штета не само на денешниот македонски народ, туку и на идните генерации, на нивните деца? Знаат ли дека со обезличувањето и откажувањето од македонските историски ликови работат директно во интерес на душманите кои никогаш не се откажале од нашето искоренување како народ? Очигледно, не.

Сè додека се однесуваме вака кон минатото не треба да нè чуди леснотијата со која соседите ни ја крадат и присвојуваат историјата, и нè притискаат да се откажеме од идентитетот и од јазикот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top