| четврток, 6 декември 2018 |

Maкедонската економија продолжува со растот

Додека Европа повторно е на прагот на нова криза и рецесија, а во соседните земји се намалуваат платите и пензиите, македонската економија зема залет. Ова го покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика, пишува Лидер.мк.

Во вториот квартал од годинава – во периодот од април, мај и јуни, македонската економија се зголемила за 4.3% во однос на истиот период лани. Бруто домашниот производ главно го билдаат домаќинствата. Личната потрошувачка има најголем раст во вториот квартал од 2 и пол проценти. Инвестициите на домашните и странските компании, како и трошењата на државните институции се зголемувале со послаб интензитет.

-Како што кажав и претходно реални се проекциите за стапките на БДП. Тоа се покажува и со официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Градежништвото е локомотива на развојот , Очекуваме да се засили интензитетит на автопатското градење, железницата кон Бугарија, како и постојните, но и новите инвестиции кои се во најава ќе доведат до зголемување на извозот на стоки и услуги , а сето тоа ќе доведе до реализрање на проектираната стапка на БДП,- изјави Томе Неновски, универзитетски професор.

Градежништвото и натаму расте најмногу

Во вториот квартал градежништвото бележи раст за 13.7%. Финансиското посредување, недвижностите, изнајмувањето и личните услужни дејности се зголемиле за 4.7 отсто, а електронската трговија и поправката на моторни возила за 3.3%. Извозот бил поголем за над 14 отсто, но и увозот за речиси 11%.

-Кај инвестициите пораст е евидентиран кај основните средства, но и кај залихите во индустријата- изјави вчера Верка Панова од ДЗР.

-На среден рок е можно да се постигнат и повисоки стапки на економски раст, коишто ќе влијаат на подобрување на животниот стандард на населението. Очекувам дека зголеменета економска активност ќе го поттикне и кредитирањето. Банките се уште перцепираат одредени ризици во економијата, па иако располагаат со средства, тешко му одобруваат кредити на стопанството, но за очекување е како што економијата ќе расте, така да забрзува и кредитирањето,-  нагласува професорот Марјан Петрески.

Градежниците очекуваат нагорниот тренд да продолжи.

-Градежниот сектор ќе биде двигател на македонската економија, а со тоа и на остатантите сектори кои се поврзани со него исто така ќе заживеат,- вели Сеад Кочан, претседател на Комора за градежништво при ССК.

Инаку државната статистика ја промени методологијата за пресметка на БДП. Во неговиот обем како инвестиции влегоа трошоците за истражување и развој, трошоците за службените возила, бонусите, примањата на членовите на управните одбори, како и амортизацијата на државните патишта и приватните станови. Изменетата методологија резултираше и со ревидирање на стапката на економски раст во првиот квартал во надолна линија, од 3.9 на 3 и пол проценти. Инаку Владата лани го креираше годинешниот буџет заснован на стапка на раст од 3.2, а со ребалансот да ја зголеми проекцијата на најмногу 3.7%, колку што е и проценката на Народна банка.

извор: Лидер.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top