Во московското предградие ќе биде направен музејски парк на Русија. Планирано е на неговата територија да бидат претставени сите региони на земјата, нивната историја, достигнувањата и традицијата. На ова место ќе бидат изградени хотел и ресторани со национална кујна. Минијатурната Русија ќе ги прими првите посетители во 2020 година.
Паркот ќе се наоѓа недалеку од меѓународниот аеродром „Домодедово“. До него не е тешко да се дојде, уверува дирекцијата на паркот. Но, што е најважно, по посетата на паркот туристите ќе може да решат што им е, всушност, интересно и во кој агол на земјата би сакале да го поминат одморот за да можат да го истражат целосно.
– Да се сместат на оваа површина сите убавини што се наоѓаат на територијата на земјата, а тоа се 17 милиони квадратни километри, нема да биде едноставно. Ќе биде избрано само она што е најдобро. Од таа причина во подготовката на експозицијата и на штандовите свое учество ќе земат стручњаци од регионите, кои знаат сè за својот роден крај. Само на таков начин може да се претстави Русија во една стегната и убава форма – вели Генадиј Олејник, извршен директор на руското географско друштво.
Примопредавањето на проектот, според планот, ќе биде извршено во 2020 година.
– Ние не сакаме да направиме само тематски парк, како оние во Франција и во Америка, туку парк во кој луѓето ќе можат да поминат дел од својот одмор. Во паркот ќе бидат претставени најдобрите објекти од историското и културното наследство. Ќе има големи забавни, пејзажни, изложбени и образовни блокови. Исто така, ќе има и комерцијален блок со хотели, продавници и со ресторани. Тука ќе бидат и блоковите за активен одмор со парк за зимски спортови, со аквапарк, велосипедски патеки и коњички клуб – изјавува директорот на паркот „Русија“, Очег Журавски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.