| четврток, 6 декември 2018 |

Нова мерка: До 23.000 евра за младите невработени лица со идеја за сопствен бизнис

До 23.000 евра кредит за самовработување и почнување сопствен бизнис може да добијат невработените млади лица што барем еден ден биле во евиденцијата на Агенцијата за вработување. Владиниот портпарол Александар Георгиев во емисијата „Пулт“ на Радио Слободна Макеоднија обелодени дека огласот е објавен пред два дена и ќе трае до крајот на идната недела.

– Се работи за мерка за самовработување со кредитирање. Може да се организираат максимум пет млади луѓе и да добијат 23.000 евра . Но има и мали подваријанти. Може да аплицира само едно лице и да добие 7.000 евра. А може да се здружи со уште еден при што основниот кредитобарател би добил 7 илјади а вториот 4 или вкупно 11 илјади евра. Може да се здружи со двајца односно да се подигнат вкупно 15.000 евра, со тројца вкупно 19.000 евра или вкупно петмина со 23.000 евра – изјави Александар Георгиев за „Пулт“ на Радио Слободна Макеоднија.

Георгиев вели дека условите се исклучително поволни, па младите невработени лица треба да ја искористат оваа мерка.

– Условите се многу поволни. Рокот за враѓање на кредитот е 84 месеци со грејс-период од 18 месеци во кој бизнисот може да се развива без обрска за враќање. Каматната стапка е еден процент на годишно ниво – вели Георгиев.

Со огласот се предвидува и можност за поддршка на работодавците, кои ќе вработат младо лице под 29 години од листата невработени во Агенцијата за вработување.

Секое микро или мало претпријатие кое ќе вработи лице до 29 години може да добие 4.000 евра кредит. Максимум може да бидат одобрени средства за вработување на три лица или вкупно 12.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top