
Во екот на кампањата пред референдумот за независност на Шкотска, славните Шкоти поделени во два спротивставени таботи. На страната на приврзаниците за отцепување застана легендарниот актер Шок Конери, додека авторката на романот за Хари Потер, Џоан К. Рулинг се определи за останување во Обединетото Кралство.
Конери, кој се прослави со улогата на Џејмс Бонд, одамна се изјаснува како шкотски националист, а од почетокот на годинава ја поддржа независноста и „суштинската демократска идеја дека народот на Шкотска е најдобар чувар на сопствената иднина“. Од друга страна, Рулинг порача дека независноста би била „историска голема грешка“ и донирала еден милион фунти во кампањата за останување во унијата.
Конери и Рулинг се меѓу многубројните познати Шкоти, кои јавно се изјаснија за незавноста и покрај тоа што стручњаците сметаат дека влијанието на јавните личности, сепак, нема да биде пресуден за резултатот на референдумот на 18 септември. Меѓу приврзаниците за самостојна Шкотска се актерот Џералд Батлер, членовите на групата Франк Фердинанд и авторот на романот Трејнспотинг Ирвин Велш, кој на шега рече дека Унијата е „начин да се спречи Шкотска да владее со светот“.
Ален Каминг, кој го глуми Илај Голд во серијата „Добра жена“, допатува оваа недела од Њујорк за да ја поддржи кампањата за независност.
– Ова е историски момент за сите нас. Сега имаме можност во оваа земја да ја преземеме судбината во свои раце – рекол популариот актер.
Други славни личности, пак, сметаат дека за Шкотска е подобро да остане во рамките на Обединетото Кралство.
Пејачката Сузан Бојл најави дека гласа против отцепувањето затоа што смета дека Шкотска може да го зачува својот идентитет и како дел од Британија.
Поранешниот менаџер на клубот Манчестер јунајтед, сер Алекс Фергусон, рекол дека Шкотите што како него живеат во Англија „не живеат во странска земја“.
– Ние сме дел од семејството Обединето Кралство – вели Фергусон.
Сциологот Елис Кешмор смета дека ставовите на познатите личности нема пресудно да влијаат на резултатот од гласањето затоа што граѓаните на Шкотска и без тоа се преокупирани со прашањето за независност.
– Тоа е како натпреварување во јадење пита – првите залаци се вкусни, но потоа ви е мака од многубројните личности што говорат на тема за која се сомневаме дека воопшто ја разбираат – рекол Кешмор.
Кампањата спроти референдумот фрли светло и на културниот јаз меѓу Шкотска и другиот дел од Британија, оценува АП.
Идејата за нова, егергична нација, која ќе исчекори од сенката на доминантната соседна Англија ги привлече уметниците и поголемиот дел од креативната заедница во Шкотска.
Повеќе од 1.300 шкотски писатели, музичари и уметници потпишаа писмо во кое се порачува дека независноста ќе овозможи креативна слобода.
– Ќе заокружиме „да“ затоа што замислувавме подобра земја. Сега сакаме да ја изградиме – се наведува во писмото.
Во британските интелектуални и уметнички кругови патриотизмот долго време не бил во мода, но можноста за распад на земјата ја разбуди заспаната страст за Обединетото Кралство, кое го сочинуваат Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска.
Во кампањата „Да останеме заедно“ ангажирани се многубројни ѕвезди, како Мик Џегер, Пол Мекартни, Сајмон Коел, Џуди Денч, Хелен Бонам Картер и Патрик Стјуард, кои се потпишаа во отвореното писмо во кое наведуваат дека „тоа што нѐ поврзува е многу повеќе од тоа што не дели“.
Нивниот став го поддржа и Дејвид Боуви, Англичанец што живее во Њујорк, кој на едно доделување на награда упати порака на Шкотска да остане во унијата.
Има и такви што не се изјасниле јавно околу независноста како писателот Јан Ранкин и актерот Џејмс Мекавој, кои не сакаа да кажат која страна ќе ја поддржат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


