| четврток, 6 декември 2018 |

Момчиња од Скопје спречени да заминат на џихад во Сирија

Жители на село крај Скопје спречиле неколку млади луѓе да заминат на џихад во Сирија, дознава „Дневник“. Во еден случај момче било буквално извадено од автобус со кој требало да појде во војна. Момчето претходно исчезнало од дома, а по извесно време било најдено во џамија во Тетово. Потоа со автобус се обидело да замине за Турција, од каде што требало да се префрли во Сирија. Но, локалните жители се обиделе да го разубедат и буквално го извадиле од автобусот. Настаните ги потврдуваат и во Kомисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Претседателката на Kомисијата, Валентина Божиновска, вели дека вахабистите преземаат џамии и пропагираат поинаков ислам.

– Имавме такви случаи кога луѓе разубедуваа млади момчиња подготвени, буквално тргнати на пат кон Сирија. Ако вахабистите во џамиите земат замав, може сериозно да ги застранат младите генерации муслимани – вели Божиновска.

Според официјалните податоци, сите деветмина македонски државјани, кои досега загинале во конфликтот во Сирија, биле следбеници на салафистичката идеологија. Според Божиновска, но и според ИВЗ, всушност, станува збор за вахабисти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top