Летото и безгрижноста што ги следи топлите денови се веќе зад нас. Пристигна септември со нови обврски, трошоци, грижи. Треба да се направи добра математика за распределба на семејниот буџет за да можат да се покријат сите потреби. Тоа подразбира пари за учениците, за подготовка на зимница, за купување огрев. За сето тоа е потребно да се потрошат најмалку две просечни плати, но треба да се размисли и како ќе се преживее месецот. Не залудно се вели дека септември е најтежок и финансиски најисцрпувачки месец во годината. Еден од најголемите трошоци е подготовката на децата за на училиште. Делењето бесплатни учебници го амортизира ударот врз семејниот буџет на родителите. Трошоците во тој дел се речиси преполовени, а на оваа помош се надоврзува и намалениот трошок за училиштен прибор, чијшто ДДВ се намали од 18 на пет проценти. Без оваа владина поддршка, преживувањето на септември ќе беше многу потешко.
– Откако е почнат владиниот проект за поделба на бесплатни учебници, трошоците за опремување на еден ученик се повеќе од преполовени. Да требаше и учебници да купуваме, не знам како ќе го протуркавме почетокот на учебната година. Забележувам разлика и во цените на училишниот прибор. Некаде се намалени, некаде се исти, што не би требало бидејќи ДДВ за училишниот прибор е намален. Некои трговци мислат дека сега им е моментот да заработат, па ги надувале цените. Ама и ние не сме веќе наивни. Ќе прошетаме, споредиме цени и ќе го купиме најевтиното. Мора така, посебно за семејствата што имаат повеќе деца во училиште – вели Марија Стојковска, мајка на два ученика.
Според неа, заштедата од 5.000 до 6.000 денари, кои порано оделе за учебници, сега ја пренасочува на купување разни блокови, колажи, моливи, пенкала, гуми, острилки, линиари, чантички за прибор, боички. На овој список се додава пристоен ранец, за кој треба да се плати околу 1.000 денари.
– Има ранци и за 500 денари, но тие ќе се искинат за два месеца и потоа пак ќе треба да купувам. Вака подобро ќе дадам 1.000 денари или повеќе за ранец, барем знам дека ќе го носи една година – додава Стојковска.
Доброинформираните родители, кои имаат искуство во шетање, споредување цени и купување, велат дека има голема разлика во цените.
– Во некои книжарници цените се повисоки, во некои пониски. Добро е што и во маркетите може да се најде прибор за училиште, па има избор, а може да се заштеди ако се прошета добро – вели Ненад Панчевски, родител на деца, кои освен што добиваат бесплатни учебници, добиваат и покривање на патни трошоци до училиштето, со оглед на тоа дека живеат во рурална средина, каде што училиштето е подалеку од 2,5 километра.
Министерството за образование и за наука веќе пет години по ред го спроведува концептот на бесплатно образование, односно бесплатни учебници за сите ученици во основно и во средно образование.
– За овој проект досега се вложени 30 милиони евра или годишно по околу шест милиони евра. И тој концепт ќе продолжи да се спроведува и понатаму, како бенефиција за околу 200.000 родители на 280.000 ученици. За разлика од некои други времиња, кога мораа да плаќаат за секој учебник по 300, 400, 500 денари и повеќе, сега сето тоа е на товар на државата, исто како и обезбедувањето бесплатен превоз за учениците што посетуваат училишта што се оддалечени повеќе од 2,5 километри од нивните домови. Бесплатниот превоз го организира локалната самоуправа, за што Министерството редовно им префрла средства – информираат од МОН.
Оттаму додаваат дека учебниците од прво до трето одделение се заменуваат со нови секоја година бидејќи се работи за таканаречени „работни учебници“ во кои децата пишуваат, цртаат и слично.
– Од оваа учебна година овие ученици (од прво до трето одделение) имаат нови учебници изработени според наставните програми на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ. Учениците од четврто одделение, па нагоре, имаат обврска на крајот од учебната година да ги вратат учебниците што бесплатно ги користеле – објаснуваат од МОН.
Освен бесплатните учебници, голема помош за родителите е и намалениот ДДВ за училиштен прибор.
– Намален е ДДВ за училишниот прибор што се користи од страна на децата, торба, ранец, молив, пенкала, работни тетратки, боички и сѐ друго што спаѓа во училиштен прибор. Ќе дојде до намалување на трошоците за семејствата со што веруваме дека на најдобар и на најдиректен можен начин се поддржува стандардот на младите семејства и на сите што имаат деца на училишна возраст. Во семејствата со повеќе деца посебно ќе се почувствува заштеда од неколку илјади денари месечно – истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, при образложувањето на оваа владина мерка, која беше најавена уште во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.
Значи, учениците ги опремивме со учебници и со прибор, ранци, останува трошокот за облека, кој е и најголем, бидејќи доаѓаат студени денови, па треба да се купат панталони, блузи со долги ракави, јакни, чевли или патики.
– Новата гардероба чини многу, а треба да се купи сѐ ново бидејќи облеката од лани е мала. Попусти нема, а и децава избираат, ова сакам, ова не сакам, па мислам дека најмалку сто евра ќе потрошам само на облека – вели една мајка.
Откако ќе завршиме со опремување на учениците, ни остануваат другите есенски подготовки, зимница и огрев. Семејствата што традиционално прават ајвар, во овој период ќе платат уште најмалку 50 евра за овој македонски специјалитет, без кој не е ниту една куќа. Приносите на добропознатата куртовска капија или пиперката ајварка годинава ќе бидат под очекувањата, родот ќе биде преполовен поради болестите и гниењето предизвикани од лошите временски услови, па така сегашната цена за еден килограм од 30 до 50 денари може уште да оди нагоре. Доматите се продаваат од 30 до 50 денари за еден килограм, карфиолот по 80-90 денари, боранијата 50 денари, зелката по 20 денари за еден килограм.
– Речиси секоја година правам зимница, но во сѐ помали и помали количини. Тоа не е поради тоа што помалку јадеме, туку поради високите цени на зеленчукот на пазарите. Малата понуда ја крева цена на ајварката, па годинава планирам да направам неколку теглички, колку за иштав – појаснува Елена Петрова.
Лошите временски услови и поплавите во регионот уништија голем дел од раноградинaрските култури и кај нашите соседи поради што цените на зеленчукот и во регионот се повисоки од вообичаено. Сите домаќинки се исправени пред дилемата дали да прават домашна зимница или годинава да ја набавуваат готова. Цените на зеленчукот потребен за зимница на зелените пазари во Босна и во Србија се за половина евро повисоки од лани. Најголем шок за тамошните граѓани е цeната нa доматот, која изнесува од 40 до 70 денари за еден килограм. Тие коментираат дека многу семејства од регионот поради високите цени годинава ќе се откажат од традиционалната туршија, кисела зелка, печени пиперки, доматно пире и џемови.Освен лошото време, за високите цени на зеленчукот се виновни и трговците, кои во овој период се трудат да го фатат најголемиот ќар.
По училиштето и зимницата, врз буџетот на некои семејства паѓа и трошокот за огрев, што значи трошок од најмалку 15.000 денари.
Сѐ на сѐ, септември е тежок месец, но со добра организација и математика и тој ќе се преживее, важно е да ги подготвиме учениците за на училиште, да им намачкаме по некое парче леб со ајвар и да ги стоплиме во студените денови.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 105. број на неделникот „Република“, 5.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Екатимерини: Постигнат е напредок за ревизија на македонските учебниците по историја
-
Бугарија доставила над 30 страници со забелешки за учебниците по историја
-
Цеца влезе во учебниците за основно: Горат социјалните мрежи…
-
Историја по мерка на СДСМ-по Бугарија и Грција ќе ги менува учебниците со „амин“ од Владата


