| четврток, 6 декември 2018 |

Mеѓународен театарски фестивал во Крива Паланка

foto_od_pretstavata_MNOGU_VREVA_ZA_NISTO

Меѓународниот театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ по шести пат се организира во Крива Паланка и ќе се одржи од 15 до 22 септември.

Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, информираше дека фестивалот почнува в недела, а програмата и годинава ќе понуди богат репертоар, претстави од реномирани театарски куќи од Балканот, од земји со блиско и разбирливо говорно подрачје за публиката. Ќе гостуваат театри од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска и од народниот театар Битола и народниот театар „Антон Панов“ од Струмица.

– Фестивалот официјално ќе почне в недела, со промоција на монографијата „Пет години театарски фестивал“, по што на годинашниот лауреат, познатиот македонски актер Мето Јовановски ќе му биде доделена наградата за животно дело. Програмата и театарските претстави ќе се прикажуваат од 15 до 22 септември на сцената во Националната установа Центар за култура од Крива Паланка – рече градоначалникот Алексовски.

Тој истакна дека од востановувањето на фестивалот во 2009 година досега голема поддршка во организацијата добиваат од доајенот на македонската театарска уметност Милица Стојанова, кривопаланчанка по потекло, и од актерот Страшко Милошевски, а како што рече, заслужни за добрата органзиација се и вработените во општинската администрација.

Инаку, организаторите најавија дека и годинава Меѓународниот театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ ќе има хуманитарен карактер, а средствата собрани од продажбата на влезниците во соработка со Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи ќе бидат наменети за семејствата со социјален ризик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top