| четврток, 6 декември 2018 |

„Вечер“: Во Турција има 6 милиони Македонци

istanbul

Во Турција живеат пет до шест милиони Македонци по потекло. Ги има во сите делови од државата, најмногу се населени во егејскиот дел. Иако поголемиот дел од нив се родени во Турција, а нивните предци од Македонија се иселиле пред повеќе од еден век, тие не го забораваат своето потекло, пишува весникот „Вечер“.

Ги негуваат традициите, обичаите, дури го зборуваат македонскиот јазик и со радост доаѓаат во родниот крај, вели претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија, Исмаил Бојда. Најмногу македонски семејства има во Маниса, Бурса, Измир, Каршијаки, Бостанли, а околу сто илјади жители со македонско потекло има во Истанбул.

Дека Македонци има во повеќе градови во Турција потврдува и Шенол Мемиш, претседател на македонско-турското здружение “Мустафа Кемал Ататурк” од Битола.

– Најмногу населени се во градовите на приморјето, Бурса, Измир, Ајдин…, но и во Истанбул. Во Ајдин, во општината Тепеџик, градоначалник е Тулџај Олгун кој е Македонец и има и многу советници во општината, па многу често таму можете да слушнете македонски јазик. Кога се иселувале во педесеттите години најмногу се населувале во приморските градови зашто таму се занимавале со земјоделство, но денес работат во сите области и се многу добро организирани, додава Мемиш.

Историски гледано иселувањето од Македонија и од македонските простори се одвивало во неколку етапи. Првата поголема миграција се случила по балканските војни и по Втората светска војна и тоа во име на исламот и ветената турска земја како муслиманска држава која ќе им даде верска помош, иако ова население не го познавало турскиот јазик.
-Сепак, најголемата миграција од просторите на Македонија се одигра од 1950 до 1970 година и тогаш цели села заминаа за Турција. Дел од западна Македонија, централна Македонија и источниот дел на Македонија, сите кои по религија беа муслимани одеа во оваа ветена држава на исламот, затоа што на овие простори се шпекулираше дека ќе се градат православни држави. Овие луѓе, се откажуваа од македонското државјанство, се откажуваа од своите имоти и во Република Турција одеа со турско државјанство, примено во конзуларното претставништво на Република Турција во Скопје, беа задржувани во Едрене, во логори, па им ги менуваа нивните презимиња. На пример, би споменале само едно – од Маслар во Демирали. Така било тогаш, а денеска најголема желба на нашите иселеници е да добијат македонско државјанство, вели Бојда.

За да не си ги заборават своите корени од пред две години, македонските иселеници во Турција имаат можност да го учат мајчиниот јазик. Паралелки на македонски јазик има во Измир, Ајдин, Маниса и Јеникент, а часовите ги води професорка од Македонија. Оваа новина беше воведена на иницијатива на македонскиот амбасадор во Турција Горан Тасковски со помош на македонската Влада.
-Овој проект на амбасадорот Тасковски е од огромно значење за Турците со македонско потекло, кои се желни да го изучуваат јазикот и останат верни на своето потекло, своите корени. Тие ветија дека сега со уште поголем елан ќе работат за интересите на нашата земја, вели Нина Пандурска, претседателка на здружението за македонско-турска соработка “Македонија-Еге”. Пандурска најави дека наскоро часови по македонски јазик ќе се воведат и во Истанбул.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top