| четврток, 6 декември 2018 |

Девет секојдневни навики што ќе ве направат посреќни

Среќата е една од најважните работи во животот, таа ви дава елан и е поттик да го истерате денот. Со денешниот начин на живот повеќе ќе најдете луѓе што се под стрес, отколку со насмевка на лицето. Настаните во животот секако се важни за да го побудат ова чувство, но и вие можете да сторите нешто околу тоа.

Почнете го денот со исчекување

Главна водилка на секој човек се очекувањата. Мора да има една добра мисла која ќе ви прелета низ глава кога ќе станете. Фактот што ќе ја видите личноста што ја љубите, квалитетното поминато време со пријателите или едно обично кафе со семејството. Среќата се крие во ситните нешта.

Имајте план и приоритети

Најголемата причина за стрес кај луѓето е помислата дека имаат премногу обврски кои не можат да ги сработат до крајот на денот. Наместо да се нервирате за сите нешта наеднаш, фатете ги со ред една по една, тргнувајќи од она што има приоритет.

Бидете добри кон останатите-подарете нешто

Не мора да е материјално. Добрите гестови кои сме заборавиле што значат прават човек да се чувствува пријатно, а и да им го олесни денот на другите. Само еден љубезен разговор со продавачката во маркетот, може да направи многу. И не ги одбегнувајте бездомниците. Кога би се грижеле повеќе едни за други, светот не би бил толку лошо место.

Одбегнувајте ги баналните муабети

Политика, озборувања и сите оние работи од кои ве заболува глава, одбегнувајте ги. Само ќе си ја потрошите енергијата залудно.

Одете на претпоставка дека луѓето имаат добри намери

Океј, сите ги знаеме речениците „денес секој си мисли на себе“, „сите гледаат да те зафркнат“ итн., но веројатно тоа повеќе ни служи и како одбрана за себе и своите постапки. Ако не луѓето им припишете лоши мотиви без да ги запознаете вие губите.

Јадете квалитетна храна

Сите знаеме да си каснеме нешто што не треба, но лошото е кога забораваме колкаво значење има квалитетната храна за нас и нашето здравје. Некогаш обидете се да изедете парче сирење, наместо парче чоколадо.

Не се оптоварувајте со резултати

Речиси сите имаме една заедничка грижа, како да постигнеме подобри резултати во она што го правиме. Сакаме да сме една позиција погоре, да земаме поголема плата, да се докажеме пред сите. Нема да најдете многу луѓе на кои им успеало тоа. Тоа не значи дека треба да ја изгубите амбицијата, но барем не ги сфаќајте при срце поразите.

Помалку гледајте телевизија

Сте гледале ли нешто квалитетно на телевизија во последно време? Дегутантни емисии, турски серии, вести кои ви набиваат негативна енергија. Што ќе ви е тоа? Посветете си го времето на нешто попаметно.

Бидете благодарни за секој ден

Звучи како тешко клише, но помислете само колку луѓе немаат прилика да се радуваат на новиот ден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top