| четврток, 6 декември 2018 |

Кралицата Елизабета нема да се меша во шкотскиот референдум

Британската кралица Елизабета нема да се меша во шкотскиот референдум, затоа што монархот во Велика Британија е над политиката, соопшти Бакингамската палата во Лондон.

Kejt Midlton i Kralicata Elizabeta

Реакцијата на службената резиденција на британскиот суверен доаѓа по неколкуте информации во лондонските медиуми за тоа дека  кралицата Елизабета „била загрижена од можноста за независност на Шкотска“.

Соопштението на Бакингамската палата претставува реакција и на изјавата на шкотскиот прв министер и лидер на сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП) Алекс Салмонд за тоа дека „кралицата ќе биде горда“ да биде монарх и на „независна“ Шкотска.

Според Бакингамската палата, референдумот за независност на 18 септември е работа на луѓето од Шкотска, а портпаролот на палатата изјави дека „непартијноста и поставеноста над политиката (на монархот) е темелен принцип“ на британската демократија.

– Нејзиното височество, кралицата, се придржува на овој принцип во сите изминати години откако е на престолот, истакна портпаролот на Бакингамската палата.

Во јули годинава, кралицата во Единбург се сретна со лидерот на СНП. Тој сега откри дека бил примен во аудиенција кај кралицата Елизабета и пред две недели, но не соопшти ништо за тоа што се зборувало.

Ова е вторпат Бакингамската палата да соопштува дека кралицата нема да се вклучи во случувањата и дебатите околу претстојниот референдум во Шкотска.

Салмонд, пак, по подолго време повторно објави дека кралицата ќе биде суверен и на „независна Шкотска“.

Дел од лондонските медиуми соопштението на Бакингамската палата го проследија со потсетувањето дека кралицата Елизабета во своите 62 години откако е  на престолот, сепак има направено исклучок и се вклучила во политиката.

Во 1977 година за време на одбележувањето на нејзнииот „сребрен јубилеј“ за 25-годишнината откако е британски монарх, таа во говорот пред пратениците и лордовите во Парламентот во Лондон има речено дека „не може да заборави оти е крунисна како кралица на Обединетото кралство на Велика Бритаиија и Северна Ирска“.

Англија и Шкотска се во унија веќе 307 години, колку што постои и Обединетото кралство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top