Од денеска до 14 септември во Охрид ќе се одржува петтиот Меѓународен медицински конгрес на форумот на лекарските асоцијации на Југоисточна Европа (SEEMF).
Како што соопшти Македонското лекарско друштво (МЛД), се очекуваат над 500 учесници и предавачи од Македонија, Албанија, Грција, Турција, Бугарија, Црна Гора, Србија, Република Српска, Словенија, Романија, Украина, Узбекистан, Русија, Казахстан, Азербејџан, Летонија.
Темите на конгресот на СЕЕМФ се: кардиоваскуларните заболувања, дијабетесот и неговите компликации, онкологија, новини во дијагностиката и терапијата, превенција на карциномите, влијанието на имунизацијата и вакцинациска профилакса – предизвици и приоритети.
Специјална тема на Конгресот ќе биде местото и улогата на имунизацијата во 21 век со цел, како што наведува МЛД, потиснување на негативните трендови во голем број земји, па и кај нас, за одбивање на вакцинациите. Поканети се експерти од оваа област од Светската здравствена организација, Европската комисија за контрола на заразни болести и од здруженија.
На конгресот ќе бидат разменети и искуства од областа на организацијата на здравствената служба, безбедноста на пациентите, здравствени проблеми и здравствени политики во услови на економска криза, здравствени реформи и финансирање, професионална авторегулација на лекарските асоцијации, професионалниот развој на младите лекари, финансирање на здравствените системи во ЈИЕ, Е-здравство (E-Helath) …
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.