Турската компанија ОХИ Груп потврди дека ќе отвори фабрика за лепенки за гуми во Битола.
Ова е потврдено на средбата на министерот за странски инвестиции Џери Наумоф со претставници на ОХИ Груп и на уште три други компании од Турција кои деновиве беа во посета на Македонија.
– Турција и Македонија се блиски соседи со пријателски односи. Врз основа на контактите со многу компании на кои во овој период работиме, нашите планирани патувања и конкурентна бизнис средина која Македонија ја има создадено, јас очекувам уште многу повеќе турски проекти во блиска иднина кои ќе отворат многу повеќе работни места за Македонците, вели министерот Наумоф.
Амбасадорот на Македонија во Турција Горан Ташковски истакна дека Македонската амбасада три години напорно работи на воспоставување силна врска меѓу бизнисмените и компаниите од Турција и Македонија преку промоција на принципите на отвореност, чесност, комуникација, доверба и искрено пријателство.
– Владата заедно со премиерот и министерот за странски инвестиции Џери Наумоф успеаја во промовирање на сите позитивни услови што ги нуди Македонија за привлекување на странски инвестиции од Република Турција. Ние ќе продолжиме да ги интензивираме овие врски и во иднина, додаде Ташковски.
Наумоф пред 12 директори на овие компании ги презентираше бизнис предностите кои Македонија ги нуди на турските инвеститори во Скопје и Охрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.