Британецот Луис Хамилтон победи на трката за Големата награда на Италија, која во неделата попладне се возеше на легендарната патека во Монца. Хамилтон до 28-та победа во кариерата стигна пред тимскиот колега Нико Розберг, додека победничкиот пиедестал го комплетираше Фелипе Маса пилотот на Вилијамс.
Хамилтон до победата стигна со време од 1:19:10.236 часа, освои 25 бодови и ја намали предноста на Розберг, кој е лидер во генералниот пласман, на 22 бода.
Поранешниот светски првак со 28-та победа стана втор најдобар британски возач, пред него сега се наоѓа само легендарниот Најџел Менсел кој има 31 победа.
Трката започна лошо за Хамилтон, кој лошо стартуваше од пол позицијата и по првиот свиок беше минат од Магнусен, Розберг и Маса.
Британецот стигна до втората позиција во 13-от круг, претходно во деветтиот круг Розберг направи голема грешка кога на стартно целниот правец излета од патеката но успеа да ги избегне рекламите и да ја задржи лидерската позиција.
Истата грешка Розберг ја направи во 29-от круг, кога беше притиснат од Хамилтон. Британецот во тој момент ја презеде водечката позиција која без проблеми ја сочува до самиот крај.
Во 30-от круг трката ја заврши Фернандо Алонсо, поради дефект на болидот, што донесе големо разочарување кај навивачите на италијанската екипа.
Покрај најдобрите тројца бодови во Монца освоија уште Ботас (Вилијамс), возачите на Ред Бул, Рикардо и Фетел, Перез (Форс Индија), Батон (Мекларен), Раиконен (Ферери) и Магнусен (Мекларен).
Следната трка во првенството на Формула 1 ќе се вози на 21-ви септември во Сингапур.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.