Сопранот со интернационална кариера Ана Дурловски, која за еден месец ќе настапи во Метрополитен операта во Њујорк, денеска прими плакета „Европска личност на Република Македонија“ за 2013 година, признание кое од 2000 година го доделува Европското движење во РМ.
Наградата им се доделува на личности кои ја афирмираат Македонија во Европа и европските вредности ги промовираат во земјава. Дурловски им се придружува на 14 досегашни добитници, како Симон Трпчески, Борис Трајанов, Борис Трајковски, Тоше Проески, Луан Старова, Живко Мукаетов, Влатко Стефановски… Наградата и беше доделена во отсуство на Денот на Европа 9 Мај, а денеска и беше врачена во пресрет на Денот на независноста 8 Септември.
Плакетата и ја врачи претседателката на ЕДРМ Милева Ѓуровска, која соопшти дека одлуката Ана Дурловски да биде лауреат за 2013 година ја донела нивната комисија.
– Нејзиниот професионален пат и настапите пред европската публика и на повеќе сцени не увери дека Ана Дурловски е вистинската личност која ја промовира Република Македонија, рече Ѓуровска.
Сопранистката Дурловски се заблагодари за укажаната чест и за тоа што ќе биде во друштвото на други нејзини колеги-уметници кои претходно ја добиле наградата. – Се покажа дека музиката нема граници и дека со нас, уметниците, Европа е блиска, рече Дурловски.
Таа на 13 септември ќе замине во Њујорк, каде што ќе остане два месеца заради настапите во операта Метрополитен. На 6 октомври ќе настапи во улогата на Кралицата на ноќта во премиерата на „Волшебната флејта“ на Моцарт и во следните претстави од таа опера до 8 ноември. Таа улога Дурловски првпат ја играше во Државната опера во Виена во 2006 година.
– Договорот веќе го имам две години и конечно дојде тој настан на кој многу се радувам. Можеби ќе се повторам кога ќе кажам дека не сум верувала дека еден ден ќе настапувам на таа сцена. Но, уверена сум во тоа дека кога човек навистина работи и има цели пред себе еден ден ги достигнува, истакна Дурловски, која ќе биде првиот македонски оперски пејач што ќе настапи на сцената на најголемата оперска куќа во светот.
Ана Дурловски (1978) пред две години го доби европскиот оперски оскар „Фауст“, престижна музичко-театарска награда, еквивалент на филмскиот Оскар, за најдобро европско остварување во 2011/2012 во земјите од германско јазично подрачје.
Со нејзиниот сопруг, оперскиот пејач Игор Дурловски, живеат и работат во Штутгарт. Настапува и во Македонската опера и балет, каде дебитираше во 2000 година во насловната улога во „Лучија од Ламермур“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.