| четврток, 6 декември 2018 |

Кларинетистот Исмаил Лумановски на турнеја во Австралија

NYGAS-480x338

Со оригиналноста и прекрасниот талент што Лумановски ги носи како лидер на оваа интернационална група, успеа на оригинален начин да му ги претстави на светот духот на прекрасната македонска изворна мелодија, балканскиот мелос, живоста на турските традиционални звуци и разиграноста на чилеанската музика со финеси од фанк и џез-музика.

Различни националности, различни религии, различни поднебја, на едно место, со една цел – да се покаже дека музиката не познава граници и табуа. Исмаил Лумановски-кларинет (Македонија), Тамер Пинарбаши-канун (Турција), Панајотис Андреу-бас гитара (Грција), Пабло Вергара-клавијатури (Чиле) и Енгин Ѓунајден-тапани (Турција), тоа е составот на групата што изминатава година помина илјадници километри низ светот свирејќи музика достојна за  талентот, виртуозноста и оригиналноста што секој од овие уметници ја поседува.

images

Австралиската турнеја на „NYGAS“ почна на 1 март со концерт на интернационалниот „Џипси мјузик фестивал“ во Сиднеј во познатиот клуб „Д бејзмент“, кој е обележје на австралиската музичка сцена уште од 1972 година. Уште од самите почетоци клубот бил отворен за да се создаде место каде што ќе настапуваат само авангардни музичари со микс од стилови.  „Галапагос дак“, Џони Грифин, Винс Џонс и Дизи Гилеспи, се само мал дел од познатите светски музички имиња кои настапиле на сцената на „Д Бејзмент“. Несомнено концертот на „Њујорк џипси ал старс“ ќе остави уште еден оригинален печат во историјата на местото кое соединува само големи имиња.

Екцентричната импровизација и раскошната жанровска компилација во балканските и турски мелодии на овој интернационален бенд,  австралиската публика ги слушна и синоќа (3 март)  во познатиот „Полиш клаб“ во Канбера.  Балканските звуци ќе го продолжат својот пат и во Мелбурн. Оваа значајна турнеја ќе се заокружи со спектакуларен настап на Лумановски и „NYGAS“ во познатиот „Caravan Club“  во Мелбурн.
Лумановски, заедно со „Њујорк џипси ал старс“, речиси осум години на посебен начин ја пренесува музиката инспирирана од  поднебјето на секој од членовите на овој бенд, како и од  различните музички стилови создадени низ светот. Како Македонец, Лумановски носи дел од нашата традиција во своето дело, во кое македонското „Касапско оро“ го зазеде своето место во  албумот „Romantech“, кој  стигна на високите места на музичките ранг-листи, а во Турција го достигна второто место по Мадона. Групата во ова грандиозно парче музика го носи минатото во сегашноста како дијалог меѓу традиционалното и современото.

Она што го прави Исмаил Лумановски голем музичар, уметник и лидер е тоа што со својот талент, мултикултурната музика, големата страст кон неа и нејзиното создавање, дава една многу искрена и важна порака, дека музиката не знае да дели боја, раса, националност и религија, музиката знае за душата, љубовта, енергијата, страста, убавината и целото како збир на сета нееднаквост, односно еднаквост која постои меѓу секој од нас.

По оваа турнеја, групата се враќа во Америка со настапи во Њујорк и во Остин, а во април ја почнува турнејата во Европа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top