Фич го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на „ББ+” со стабилна перспектива. Како главни предности на македонската економија кои придонесуваат за оценката, истакнати се макроекономската политика и условите за водење
бизнис.
Потврдата на рејтингот, како што наведува кредитната агенција, се должи на високиот раст на БДП од 3,9 проценти во првиот квартал годинава, во голема мера потпомогнат од растот на градежништвото и јавните инвестиции.
Фич, соопшти денеска Министерството за финансии, прогнозира дека годинава економијата ќе порасне за 3,5 проценти, а забележано е и намалување на невработеноста.
Државниот долг се одржува на умерено ниво. За буџетскиот дефицит, агенцијата посочува дека во тек се големи инфраструктурни проекти кои можат да се одразат на стапката, но истовремено го поттикнуваат економскиот раст на земјата. Благодарение на влезот на странските директни инвестиции, нотиран е раст на извозот, стои во соопштението. За можноста за формиранње на слободни финансиски зони, Фич наведува дека ќе привлече нови странски инвестиции.
Банкарскиот сектор е стабилен и останува добро капитализиран. Издавањето на еврообврзницата придонесе за раст на девизните резерви, забележува агенцијата.
За во иднина, Фич прогнозира дека Македонија ќе продолжи со стабилната фискална и монетарна политика и дека најголемиот европски трговски партнер на Македонија ќе закрепнува, што ќе влијае позитивно на трговскиот биланс.
Кредитната агенција Фич пет години по ред го потврдува стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија. Ова е големо признание за економските политики кои ги води Владата, ако се земе предвид дека на многу економии од регионот и пошироко како Русија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија и други, им е намален кредитниот рејтинг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.