
Семејството и училиштето се главна алка во воспитување на детето и создавање на неговиот карактер, додека медиумите, односно интернетот лошо влијаат на развојот кај децата.
Ова е заклучокот од денешната трибина „Градење превентивна политика на малолетничко претстапништво и улогата на институциите во превенирањето“, со осврт на состојбата во општина Струга, што ја организираше пратеничката во македонското Собрание Лилјана Затуроска, а учествуваа пратениците Нола Исмајлоска и Момчило Аврамоски, претставници од општинскиот совет за превенција на малолетничко престапништво, од Полициската станица во Струга, образовните институции и невладиниот сектор.
За пратеничката Затуроска многу е важно детето во какво семејство живее и расте.
– Модерниот начин на живеење не ни дава доволно време да се дружиме со нашите деца, но наставниците се вторите родители, кои треба посебно да посветуваат внимание, смета Затуроска.
Динамичното темпо на живеење и развој на општеството , според Аврамоски, доведе до изразен пораст на малолетничкото претстапништво, што е доста комплексен проблем и зависи од повеќе фактори.
– Предшколската возраст е фаза на развој кога се удираат темелите на личноста. Родителите со своите способности и желба и својата стручна поставеност ќе ја обликуваат таа единка и од нив најмногу ќе зависи како ќе почне да се развива детето. Семејството е стожер, основа на развојот на едно дете. Во школската возраст до пубертет, односно средното образование има комбинација на влијанија на семејството и на наставникот, но и огромно влијание на надворешната средина. Но најослетлива е средношколската возраст, односно пубертетот, кога децата најмногу апсорбираат и покажуваат најмногу девијации во својот развој, истакна Аврамоски.
Медиумите и интернет порталите, додаде тој, стануваат се позначаен фактор, што влијае врз развојот на младата личност, која почнува се повеќе и повеќе да апсорбира од нив.
– Медиумите и инетернетот стануваат се позначајни фактори што влијаат врз развојот на детето, посебно во ова современо живеење стануваат и нивна опсесија. Преку интернетото им е светот на дланка и да не излезат од дома, како да биле сегде виделе се и доживеале се. Добиваат максимално и позитивни и негативни информации, рече Аврамоски.
За влијанието на семејството и образовниот процес кај децата говореше и пратеничката Исмајлоска, која посочи дека над 70 отсто од луѓето, кои стануваат деликвенти или се насилници се жртви на семејното насилтво.
Таа смета дека родителите треба да посветат поголемо внимание на своите деца доколку забележат чудно однесување, конзумирање дрога алкохол и цигари да се посоветуваат со психолог за надминување на проблемот.
– Локалната самоуправа е претставена како најслабата алка, а сметам дека проблемот не е само на родителите и наставниците, туку може да стане и општествен. Ако сите заедно вложиме и се поделиме можеме ефикасно да делуваме во решавање на овие проблеми, истакна Исмајлоска.
Драгица Попоска- Павлеска од невладината „Езерка“ информира дека спроведуваат активности за намалување на малолетничкото претстапништво.Таа смета дека неправилната употреба на интернетот, посебно социјалните мрежи се голема закана за децата.
– Од нашите обуки и семинари што ги имаме сведоци сме дека многу деца се жртви на педофили, а педофилите ги нашле токму преку социјалните мрежи. Наставниците си ја работаат својата работа и градинките каде има помали деца. Но, мислам дека родителите дома нека не се навредат, не велам од каде и што воопшто не водат никаква грижа за децата, нагласи Попоска- Павлеска.
Таа забележа дека општина Струга нема просторија за згрижување деца жртви на семејно насилство и побара од пратениците да се зложат за отворање Дневен центар.
Струга е една од општините која има локален совет за превенција, но нема информации за неговите ангажмани и како се справува Општината со овие проблеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


