Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески , денеска точно напладне на свечен начин во присуство на вработените во локалната администрација го подигна новото, официјално знаме на општина Охрид, кое ги исполнува и е согласно препораките и забелешките кои што претходно беа дадени од комисијата која ја сочинуваа претставници од УНЕСКО со цел да се отстранат неправилности на досегашните грб и знаме на општина Охрид. Новото официјално знаме на општината во сино- бела боја има ѕидина која ја отсликува Самоиловата тврдина и бранови кои го симболизираат езерото. Според симболиката во знамето се инкорпорирани сите духовни, традиционални , историски , културни и природни вредности на градот Охрид и во исто време го симболизираат гостопримството на охриѓани и заедничкото живеење во ова мулти- културно општество чиј дел е и Општина Охрид.
Градоначалникот Никола Бакрачески, моментот на подигање на новото официјално знаме го оценува како историски. Во новото знаме се отстранети сите неправилности кои ги имаше досегашното,односно во него ги нема обележја кои што се карактеристични за УНЕСКО или некоја друга странска организација.
–Следеше постапка во која што ние ангажиравме професионални асоцијации како што е Здружението на хералдичари на Република Македонија кои што изработија неколку варијанти онака како што основните принципи на хералдиката налагаат , да се направи знаме кое што ќе ги задоволи основните, духовни, традиционални, историски, природни и културни вредности и обележја на градот Охрид . Ова знаме кое што денес го подигнавме е токму такво и истото беше изгласано со мнозинство гласови на седница на Советот на Општина Охрид. Денес присуствувавме на еден свечен и историски чин за Охрид. Денес сум посебно горд и среќен што имаме можност и официјално да го истакнеме едно од обележјата и симболите на градот Охрид, истакна градоначалникот Бакрачески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


