
Појавата на организации што го поттикнаа верскиот фанатизам е последица од Арапска пролет. Повикот за џихад, за света војна и воспоставување исламска држава ги надмина сите граници, па на територијата што е под контрола на муџахедините доаѓаат муслимани од сите краишта на планетата. А Балканот воопшто не е исклучок. Напротив. На видеоснимките што стигнуваат од таму се гледаат државјани од Косово, БиХ, Србија. Се смета дека само од Македонија во Сирија војуваат околу осумдесет борци.
– Агитацијата, главно, оди преку верските заедници. Имаат развиен центар во Виена, Австрија, потоа во Косово, во Македонија, во Прешево, Србија, во БиХ. Тоа е едниот систем, но само како поединечни случаи, а не цела институција, цела верска заедница. Вториот развиен систем се социјалните мрежи, кои се добар начин за агитација. Третиот се агенти на терористичките организации низ светот – вели за „Република“ Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, кој уште пред две години бараше законско санкционирање на учество во паравоени формации низ светот.
– Има цел прашалник, според кој, на пример, во Тетовско, се испитува лицето, семејството, се земаат телефонски броеви, сѐ, па потоа следува проверка. По таа проверка, доколку кандидатот одговара на потребниот профил, му јавуваат дека може да замине во конфликтните региони, односно до камповите. Му кажуваат каде да оди, до кој аеродром, до каде да патува, со организиран билет, број на лет. И мрежата се шири така, од еден на друг. Тоа е многу конспиративна и многу добро организирана мрежа. Но, повикот, главно, се прави преку џамиите и други обучени лица во блискоисточните центри. Верскиот фанатизам е основа за врбување, но и парите, авантурата, џихадот, светата војна против христијаните, има многу моменти за привлекување социјално ниска структура, која лесно се манипулира. Но, има и учени, образовани луѓе, со факултет. Да не се мисли дека војуваат само необразовани луѓе. Целата организираност не може да се базира само на прост фанатизам – додава Трајанов.
Сирискиот конфликт покажа цела лепеза до каде може да оди крволочноста на луѓето на кои главен поттик им е верскиот фанатизам. Иако се смета дека е последица на Арапска пролет, дури и американскиот претседател Барак Обама беше посочен од својата десна рака, Хилари Клинтон, дека дозволил сириската опозиција да се развие во организација на фанатици, која сега претставува глобален проблем.
Молкот на САД и на НАТО, како и притисокот што се создаде кон сирискиот режим на Башар ал Асад, придонесе да им се прогледа низ прсти на тие борци што од западните држави му се приклучуваа на отпорот, кој, всушност, стана главна алатка на озлогласената Ал Каеда.
Како што Арапска пролет наближуваше кон Блискиот Исток, така се засилуваа и организации, кои поддржуваа верски правила во државата. Всушност, и трендот на приклучување на странските воини кон ваквите групации се рашири за време на сирискиот конфликт, прво поради долготрајноста на конфликтот, а второ поради молкот од западот.
Дури и кога дел од балканските држави, меѓу кои и Македонија, беа со замисла да санкционираат учество во паравоени организации низ светот, пред себе го имаа молкот од центрите на моќ. Се сметаше дека, всушност, сириската опозиција се бори против Асад, против кој требаше да застане и НАТО, па не беше соодветно да се санкционира. Но, откако Исламската држава Ирак и Левант ја покажа својата моќ, а и својата насоченост против Западот, тогаш преку амбасадата на САД било побарано да се регулира ова прашање, вели изворот на „Република“.
– Сирија го отвори проблемот бидејќи таму неколку илјадници странски војници – верски фанатици, беа обучувани токму од странци, пензионирани воени ветерани и други високи поранешни претставници на армиите на САД, Велика Британија и на други моќни членки на НАТО. Сега, практично, вашингтон и Лондон ги штитат своите интереси во Европа и на Балканот – вели поранешниот министер за внатрешни работи.
Владата достави предлог-закон за санкции за учество во странски војски, паравоени формации, параполициски формации и полиција, а Трајанов додава дека да не беше така, би предложил амандман со кој на тие за кои ќе се докаже дека учествувале или тргнале да учествуваат во тие борби, привремено би им се одземал пасошот.
– Тоа не навлегува во нарушување на слободата на движење, го има во Кривичниот законик и за други дела, а не, пак, за ова. Велика Британија и Германија имаат многу поригорозни мерки, и тоа ако се подготвува да замине во учество и ако го фатат да му го одземат пасошот. Доколку замине во странство, да не го пуштаат да влезе, па и да е нивни државјанин, особено ако има двојно државјанство. Сепак, ние ќе го приспособиме според нашите околности – додава Трајанов.
А токму за докажувањето вакво дело дебатира теологот д-р Рамадан Рамадани, аналитичар, но и едно време човек од верата – хатиб во Исабеговата џамија.
– Законот е за сите, и за Албанците и за муслиманите и за тие што се борат во Украина. Но мислам дека постојните закони регулираат доволно на ова поле и дека нема потреба од донесување некој нов закон. Можноста за злоупотреба на законските решенија при вакви институции е поголема од доброто што би можело да го донесе еден таков закон. Сметам дека институциите не ни се силни и независни за да можат да донесат пресуди врз основа на законот. Тоа ќе биде тешко да се докаже и ќе предизвика сомнеж и во законот и во неговото спроведување. Тоа не би било како, на пример, во случај на убиство. Некој би можело да оди на море во Анталија, Турција, а друг да го пријави тука дека бил во Сирија, па ајде после да се докажуваме. По природа, таквиот закон е тежок за спроведување. Кога ќе го земеме предвид капацитетот на институциите, можноста за злоупотреба е поголема од придобивките што може да го донесе ваквиот закон.
Рамадани на прашањето за заинтересираноста за приклучување кон сириските групи кај младите Албанци во Македонија, посочува на моментот на употребата на хемиското оружје од сириските власти.
– Тоа беше моментот кога се јави ужаснување од сето тоа насекаде во светот. Тоа сега ниту како веројатност ниту како опција не се споменува – додава Рамадани, според кој агитацијата е глобална, преку социјалните мрежи, а како доказ посочува повеќе од две илјади Британци, Германци и Данци што се борат во Сирија
Аналитичарот Владимир Божиновски посочува на превентивната улога на овој закон.
– Не е само санкционирањето во преден план со овој закон. Кога некој ќе знае дека може да биде затворен, санкциониран за учеството во такви конфликти, двапати ќе размисли пред да се реши да замине. Не дека со воведувањето на законот би се ставила точка на таквите случувања, но сепак ќе се намали бројот. Ако, пак, тоа се собере со бројот на тие што ќе бидат казнети, тогаш бројот на тие што би требало потоа да поминат низ една повторна социјализација, би бил многу помал – додава Божиновски.
Неспорно е дека Македонија, како и другите државите, мора да се соочи во налетот на глобалните закани, особено што и нејзини државјани се појавуваат како учесници во тие светски конфликти. Обидите да се воспостави Исламската држава на териториите заземени од Ирак и од Сирија не се единствени. Со такви обиди се соочуваше Франција, која дојде напомош во Мали, во Африка, додека исламистичката терористичка организација „Боко харам“ во Нигерија, исто така, објави формирање Исламска држава. Така, верскиот фанатизам засега е многу поголема глобална опасност од проблемот со учество на платеници, како што е примерот во Украина. Затоа и универзитетскиот професор д-р Ненад Танески во врска со докажувањата дека некој бил во војна, за кои Трајанов вели дека има методи, а Рамадани дека може да предизвика сомнеж во институциите, за „Република“ рече дека западните демократии се свесни за присуството на оваа современа асиметрична закана и дека обезбедувањето посигурни општества подразбира отстранување на исламистичките милитанти.
– Кога ќе се направи пресек на целата ситуација и кога ќе треба да се преземе првиот пресуден чекор за соочување со заканата, ќе се развие вистинска дебата меѓу застапниците на слободата и на човековите права, кои укажуваат на премногу моќна држава, и тие што велат дека државата мора да се заштити – додава Танески.
Пишува: Наум Стоилковски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Нов закон во Франција: Казна три години затвор и 45.000 евра за секој политичар што ќе си вработи член на семејството
-
Измени во Законот за минимална плата
-
Данев: Изборен закон не се носи без консултации со опозицијата
-
Измени во Законот за работни односи: Новини во договорот за вработување, годишниот одмор на работниците, испратнината…


