Исплатата на регресот за годишен одмор, или популарниот К-15, сѐ уште не е легнат на сметка кај поголем дел од работниците. Последните податоци покажуваат дека од вкупно 300.000 работници во приватниот сектор, К-15 им е исплатен само на околу 10.000 вработени. Според дел од работодавците исплатата на овие средства за работниците ќе значи стимул за работење, но и подобрување на нивната куповна моќ, од што корист ќе имаат и производителите и трговците. Од деловнитеасоцијации ги охрабруваат компаниите да најдат начин на своите вработени да им префрлат регрес за годишен одмор.Kако што се договорија на крајот на минатата година, Организацијата на работодавци и Сојузот на синдикатите на Македонија, износот треба да изнесува најмалку 40 проценти од просечната нето-плата во земјава, или 8.500 денари, еднаш во годината. Ова е минимален износ, а дадено е правото работодавците да исплатат и поголем износ, ако го дозволува тоа финансиската кондиција на компанијата. Ова право се вгради во последните измени на Општиот колективен договор за стопанството, кои влегоа во сила од 1 јануари годинава, а имаат важност од две години. Во согласност со нив, надомест ќе може да земат само тие лица што работат кај ист работодавец најмалку шестмесеци во една календарска година.
-Нашите членки, кои вработуваат 20 проценти од вработените во приватниот сектор, во најголем дел веќе го имаат исплатено регресот за годишен одмор – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, која претставува 15 сектори, во кои се вработени речиси 70.000 лица во 1.012 претпријатија од приватниот сектор.
Според Димитров, малверзациите со исплатата на К-15 се незаконски и треба да бидат пријавени од страна на работниците.
– Работниот однос е договорен однос меѓу сопствениците и работниците и треба да се почитува тоа што е договорено. Секогаш има работодавци што сакаат да ги манипулираат работниците, но тие треба и мора да се борат за своите права. На крајот на краиштата, има толку многу гранки во кои недостигаат работници, па ако е некој незадоволен може да си даде отказ и да се вработи на друго место – смета Димитров.
Тој додава дека К-15 е трошок за секоја фирма, но е привилегиран.
– При измените на Колективниот договор во кои се вгради обврската за задолжителна исплата на регресот, појдовме од тоа дека овој трошок е привилегиран, односно за него не се плаќа данок, освен персонален. Тргнувајќи од тоа, со помали трошоци се обезбедува поголем стимул за работниците и сѐ додека државата го стимулира овој начин на исплата, ние ќе го поддржуваме – вели Димитров.
Дел од работниците беа и сѐ уште се скептични во поглед на исплатата на овие средства, односно не веруваат дека газдите ќе им исплатат К-15 бидејќи, според нив, поисплатливо е фирмата да плати казна од 1.000 до 4.000 евра, отколку на работниците да им исплати по 8.500 денари. Од Сојузот на синдикати, сепак, прецизираат дека предвидената законска казна за неисплаќање на регресот за годишен одмор не се однесува на нивото на целата фирма, туку по работник. Поточно, за неисплаќање К-15, еден газда ќе плати казна од 1.000 до 4.000 евра, пресметано по вработен. Потоа, тој ќе мора на работникот да му исплати 8.500 денари регрес за годишен одмор. Ако повторно не ја намири оваа законска обврска, работникот ќе може да го тужи, а бидејќи, според ССМ се работи за однапред добиен спор, на крајот работодавецот ќе треба да го плати и К-15 и судските трошоци и изнајмувањето адвокат. Заклучокот е едноставен. За работодавците е поисплатливо и поедноставно да им исплатат К-15 на своите вработени, отколку да ја заобиколуваат оваа обврска.
На работникот,чијшто газда нема да му исплати K-15,му остануваат неколку можности за да го оствари ова свое право.
-За неисплаќање на регресот за годишен одмор, работодавецот ќе треба да плати казна од 1.000 до 4.000 евра, по лице. Згора на тоа, по плаќањето на казната, работодавецот секако ќе мора да му исплати на вработениот најмалку 8.500 денари. Ако не го направи тоа, работникот, под закрила на ССМ, има право да го тужи. Со оглед на тоа дека законот предвидува исплата на К-15, се работи за однапред добиен судски спор во полза на работникот, по што неговиот работодавец ќе мора да ги исплати и регресот и судските трошоци – велат од ССМ.
Оттаму велат дека многу често работниците не се свесни за своите права, но дека им се загарантирани со закон и како такви мора да бидат остварени.
Од ССМ велат дека некои фирми реагирале поради наметнувањето на задолжителната обврска за исплата на К-15, сметајќи дека тоа ќе биде преголем финансиски товар за нив и дека исплатата на овие средства треба да им биде оставена како можност, а не како обврска.
– Во претходните законски решенија беше утврдено фирмите, доколку имаат можност, да исплатат К-15, но таа можност ја користеа многу мал број фирми. Значи, ако им се остави на газдите, ретко кој ќе исплаќа регрес за годишен одмор. Току затоа ова требаше да биде воведено како задолжителна законска обврска бидејќи работниците имаат право на него – велат синдикалците.
Оттаму прогнозираа дека исплатата на К-15, најверојатно, нема да се направи на почетокот на јули, што и се оствари.
– Очекуваме оваа законска обврска да се исполни некаде по септември бидејќи на работодавецот му е оставена можноста исплатата да ја изврши до крајот на годината. Но тоа е, можеби, и добро, бидејќи ако има нагорна промена на просекот на плата, можеби регресот ќе биде и повисок, со оглед на тоа дека К-15 изнесува 40 проценти од основицата на плата, која важи на денот на донесувањето на одлуката за негова исплата – нагласуваат од ССМ.
Општиот колективен договор за стопанството вели дека кога работникот поднел барање до работодавецот за отстранување на прекршувањето на некое негово право утврдено со закон, меѓу кои и исплатата на регресот за годишен одмор, работодавецот е должен да соработува со синдикалните претставници за спогодбено решавање на настанатиот спор. Работникот има право да присуствува во постапката пред органот што решава за поднесеното барање во втор степен и притоа да биде застапуван од Синдикатот.
Работодавците велат дека ќе исплатуваат К-15, бидејќи законски се обврзани да го направат тоа, но негодуваат бидејќи им се наметна нов трошок.
– Ова не е добредојдена мерка и претставува непланиран трошок за компаниите. Овој договор не е постигнат со целото стопанство и сметаме дека не е начин на кој треба да се изрази и награди задоволството на работодавецот од работниците. Сепак,начинот на наградување на работниците требаше да се остави на слободната волја на компаниите бидејќи, сепак, тие најмалку 40 проценти од просечната плата во земјава се непредвиден трошок за компаниите, кој не е влезен во бизнис-плановите за годинава –сметаат бизнисмените.
Според нив, тоа ќе ги оптовари фирмите со трошоци, но нема да го изиграат законот бидејќи казните се големи.
Од Стопанската комора на Македонија, каде што се здружени големите компании, не очекуваат исплатата на К-15 да предизвика финансискооптоварување, а, од друга страна, пак,сметаат дека регресот за годишен одмор ќе претставува стимул за работниците.
– Имајќи го предвид континуираниот пораст на индустриското производство, зголемените стопански активности во секторот градежништво во реализацијата на капиталните инвестиции, добрите резултати во надворешно-трговската размена во првиот квартал од оваа година, се очекува дека исплатата на регресот за годишен одмор нема да има поголеми финансиски негативни ефекти врз ликвидноста на компаниите.Од друга страна, овој надомест ќе претставува дополнително стимулирање на работниците за извршување на работните обврски, со што ќе се зголеми ефикасноста во нивното работење -нагласуваат од Стопанската комора на Македонија.
За регресот за годишен одмор во јавниот сектор ССМ е во фаза на преговори, но засега сѐ уште немадоговор. Од сегашниот тек на преговорите, според претседателот на ССМ,Живко Митревски, владата е со став дека исплатата на К-15 за вработените во јавната и во државната администрација ќе зависи од буџетските средства со кои располага.
Митревски потврди дека почнала исплата на регресот за годишен одмор за вработените во приватните фирми.
-Бидејќи Општиот колективен договор за стопанството, со кој се утврдува ова право, беше поврзан со овие анализи, навистина сметам дека нема да има проблеми во делот на исплатата. Самиот факт што во овој период веќе имаме исплата на десетина илјади работници доволно зборува дека почна реализацијата на оваа активност -вели Митревски.
Пишува: Александрија Стевковска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


