| четврток, 6 декември 2018 |

Обама: Примирјето ќе биде успешно ако Москва престане да испраќа оружје и војска во Украина

obama-immigration-1

Претседателот на САД Барак Обама изјави денеска дека примирјето во Украина може да биде ефективно само ако Русија престане да се „преправа“ дека не ги контролира проруските сепаратисти и да престане да испраќа војници и оружје на украинска територија.

Оваа изјава на Обама, дадена на прес-конференцијата во Талин на еден ден пред Самитот на НАТО во Велс, доаѓа откако денеска беше соопштено дека претседателите на Украина и Русија Петро Порошенко и Владимир Путин договориле чекори за прекин на огнот меѓу владините сили и сепаратистите во Источна Украина.

– Ние постојано ги поддржуваме напорите на претседателот Порошенко за постигнување примирје кое може да доведе до политичко решение, рече Обама и потенцираше дека САД ќе продолжат на официјален Киев да му доставуваат поддршка за зголемување на потенцијалот на украинските воени сили. Тој воедно ја повика меѓународната заедница да укаже итна помош за економијата на Украина.

Тој исто така го потврди ангажманот на НАТО и САД да ги бранат источните членови на Алијансата и потести дека во Балтичкиот регион продолжува ротацијата на авијациските единици и воениот персонал на Пактот, а поврзано со кризата во Украина. Обама потенцираше дека НАТО треба да ја остави вратата отворена за понатамошно проширување и да им помогне на Украина, Молдавија и Грузија да ја зајакнат одбраната.

Американскиот претседател од Талин ги повика европските лидери да го спроведат својот дел за зајакнувањето на НАТО и да ги зголемат трошоците за одбраната.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top